Левицата: Хроника на една најавена смрт?
Десничарските политички елити, на страна што постојано имаат подобри перформанси од левите партии, како да се наоѓаат во подобра позиција да мобилизираат политичка и општествена енергија за промени. Пишува Петар Арсовски

Во ера на големи геополитички промени, нашето директно политичко опкружување (тука мислам на Балканот, но и пошироко), изгледа, во контраст, како релативно статичен општествен пејзаж: клобурци на силно анти-естаблишмент незадоволство, но покриени со еден жабарник на политичка безидејност, која блокира секаква посериозна промена на системот. Комбинацијата на масовно иселување (како одговор на бесперспективноста) и силна разочараност во државата, теоретски, би биле идеална подлога за една левичарска, либерална, револуциска идеја. Сепак, левите партии, не само што немаат „абер“ од некаков прогресивен потег или агенда, напротив, изгледаат во моментов како административни бранители на еден етаблиран, а токсичен естаблишмент, повеќе како дел од проблемот, одошто како дел од решението. Во споредба со нив, десничарските политички елити, на страна што постојано имаат подобри перформанси од левите партии, како да се наоѓаат во подобра позиција да мобилизираат политичка и општествена енергија за промени.
Ова Славој Жижек го предвидува со синтагмата дека следната револуција ќе дојде од десницата во вид на „мек фашизам“. Овој термин, во случајов, се однесува на фактот дека најавената „десна револуција“ може да биде поставена врз целосно популистички, ксенофобичен, и конечно, милитантен, наратив, што може светот да го однесе по ѓаволите, но во моментов, поради епската индолентност на левицата, тоа е единствената опција каде има некаква енергија. Се прашувам дали левицата е конечно мртва, или дали ја гледаме нејзината смрт во slow motion?
Реактивна дефанзива
Имено, глобално, левицата се соочува со проблем кој е истовремено идеолошки, социолошки и технолошки: таа се обидува да одбрани еден целосно демоде светоглед – систем создаден за животен стандард кој се подобрува наместо да се влошува, за доверба во институциите која расте наместо да се намалува, поткрепен со еден либерален, неоптеретен, комотен поглед кон националните идентитети, покриен со глобализацијата како носечки елемент. Но, нашиот свет во моментов не е таков: тој е несигурен, посиромашен, фрагментиран, и во постојана идентитетска војна. Така, левицата изгледа како целосно да ја промашила темата. Дури и нејзиниот наратив да не е толку анахрон, таа е безмалку прогласена за „умрено“ од гласачите, медиумите, и општеството – тие ја третираат како целосно нерелевантна, што е рецепт за влошување на нејзината и онака веќе вегетативна состојба.
Во тоа и левите партии сами помагаат. Нивната приказна е повеќе реактивна, дефанзивна, одошто со некаква идеја или рецепт за подобро утре, а се соочуваат со губитнички позиции во повеќе структурни аспекти: демографија, економија, вкупен наратив. Првиот сериозен проблем е демографијата. Ерата на работници против газди заврши, сега се соочуваме со „фриленсери“, подем на услужни дејности, ВИ менаџери – сите кои се многу поскептични кон системот и традиционалните либерални институции. 1:0 за десницата, која успеа од овие гласачи, целосно парадоксално, да направи политички конзервативци.
Ова од причина што кредибилитетот на левите економски политики е сериозно загрозен. Последните две децении донесоа низа шокови – финансиска криза, пандемија, инфлација, енергетска несигурност, скапо домување, со што ветувањето за нагорна социјална мобилност (читај ветувањето дека ќе бидеме побогати) избледе. Овој структурен проблем е нов, и веќе не се решава со старите рецепти (посилен јавен сектор и редистрибуција на богатството). Уште полошо, левицата беше на власт баш кога за многу гласачи животот стана полош. Затоа, сега, дури и кога левичарските партии нудат реални решенија (индустриска политика, зелени работни места, образование, здравство), гласачите ги доживуваат како нов трик на старите, изветвени, административци, чиј единствен одговор е да брцнат подлабоко во џебот на оние кои заработуваат. Тука, понудата на десницата е далеку поедноставна: пониски даноци, помалку мигранти, построги граници, „енергетска независност“, „закон и ред“, како и имплицитно ветување за растурање на старата партија карти. 2:0 за десницата на база на едноставност.
Десничарскиот популизам цвета
Трето, десницата стана исклучително вешта во претворањето на дифузните анксиозности, кои се во подем поради светската несигурност, во ксенофобични, но функционални политички наративи: идентитет, нација, семејство, религија, безбедност, суверенитет. Медиумскиот екосистем ја засилува оваа асиметрија: десничарскиот популизам цвета во гласачки средини кои наградуваат незадоволство, мемиња и симплифицирана политичка дихотомија. Левицата, со својата комплексност, нијансираност, детална политика, и балансирање на интереси, нема како да победи. Со други зборови, едните нудат консултации, дебати и комисии, а другите булдожери и акција. 3:0 за булдожерите.
Ова не враќа до хипотезата дека следната политичка револуција најверојатно ќе дојде од десницата. Историски, револуциите избувнуваат кога старите елити го губат легитимитетот, институциите изгледаат депласирани, а некое движење нуди алтернативен поредок. Во оваа динамика, десницата е подобро позиционирана: таа станува се повеќе револуционерна по стил, дури и кога е конзервативна по реторика. Пораката е анти-естаблишмент, а парадоксално доаѓа од власта: за нив, судовите, универзитетите, медиумите, судовите, државната администрација, меѓународните организации, се заробени од нелегитимни либерали. Ветувањето е реформа на системот, прочистување на бирократијата, радикален пресврт на правилата за информации и одговорност, во основа – редефинирање на тоа кој каде припаѓа. Тоа е револуционерна енергија, само не е за сите да бидеме еднакви (како кај левицата), туку секој да знае каде му е местото.
Рецепт за победа
Притоа, гласачите (особено на Балканот) не се автоматски десничари – тие често се само анти-естаблишмент – го казнуваат оној кој владее кога платите стагнираат, корупцијата опстојува и јавните услуги потфрлаат. Но, десницата успешно стана господар на овој наратив, дури и кога е на власт – таа ја претвора социјалната фрустрација во кредибилно ветување за трансформација, комбинирајќи ја со национализам: „корумпираната либерална елита ја предаде нацијата, ние ќе ја исчистиме државата“. Таа фузија — морален гнев плус идентитет — е сигурен рецепт за победа. Во таа смисла, ако следната политичка „револуција“ дојде од десницата, таа најверојатно ќе изгледа како поместување кон уште помалку либерализам и слобода, сето оправдано со реторика на заштита: заштита на идентитетот, заштита од надворешен притисок, заштита од мигранти, заштита од „предавници“, заштита од либерални НВО и „неодговорни“ медиуми. Тоа ќе се продава како суверенитет и „ред и поредок“.
Ова, сепак, не значи дека левичарските партии се осудени на пропаст. Но, ако сакаат да престанат да губат, иднината им зависи од тоа дали ќе успеат политиката повторно да ја поврзат со чувство на колективен напредок, наместо бесконечни морални монолози. Ако не успеат, десницата ќе продолжи да победува, не само на избори, туку и во посуштинската битка: борбата за дефинирање на улогата на политиката воопшто.
Петар Арсовски






