Тренчевска: ВМРО-ДПМНЕ донесе неуставна резолуција за пресметка со опозицијата

Потпретседателката и пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Јована Тренчевска изјави дека резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, која вчера беше изгласана во Собранието, е „неуставна, антидемократска и обид за политичка пресметка со опозицијата“.
Во интервју на ТВ Сител вечерва таа рече дека „во ниту еден дел од резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ нема конкретно објаснување и детали од договорот со Велика Британија“ и дека тоа „уште повеќе го зголемува сомнежот за тајни договори што ги води власта“.
– Каде во резолуцијата е спомнат договорот со Велика Британија? Резолуцијата е само за осуда на опозицијата. Во храмот на демократијата, во Собранието, се носи резолуција со која се осудува опозицијата или, едноставно кажано, се замолчува, за да не ги кажува сите негативности на власта, се она што власта го крие, рече Тренчевска.
Според неа, Македонија ќе биде доведена во ситуација да прими мигранти кои, рече, „нема да поминат безбедносни проверки, со што ќе се загрози безбедноста на државата“.
-Ќе бидеме во ситуација да ни донесат луѓе коишто нема да ги поминат безбедносните проценки. Да направиме дистинкција помеѓу мигранти и луѓе кои побарале азил во одредена европска држава или во Велика Британија и не го добиле азилот од други причини и треба да бидат донесени во Република Македонија. Ако биле добри, зошто не останале во Велика Британија, зошто не им дале азил? Барањето за азил им е одбиено, рече Тренчевска.
Во врска со антикоруптивниот тим на нивната партија и отворената платформа, рече дека „СДСМ ќе продолжи јавно да ги објавува коруптивните скандали на ВМРО-ДПМНЕ“.
За изборот на ново раководство во партијата, Тренчевска кажа дека СДСМ „влегува во нова фаза на политичко зајакнување, со ново раководство кое претставува спој на искуство, нова сила и енергија“.
-Ако ја слушате власта и во 2014 година и сега, тие истото го велат дека тоа не се нови луѓе, дека се стари луѓе, меѓутоа вистината е дека новото раководство заедно со двајцата потпретседатели, заедно со Извршниот одбор, се спој на искуство, на младост, на мудрост и на ентузијазам, рече Тренчевска и додаде дека „токму овој спој е клучот за понатамошните резултати во следниот период“.





