Македонија е најзагадена земја во Европа, со ПМ2,5 и ПМ10 честички неколкукратно над дозволените граници

Македонија се наоѓа на врвот на листата како најзагадена земја во Европа, тоа го покажуваат податоците од мапата на Европската агенција за животна средина, која го следи индексот на квалитет на воздухот во земјите од Европа. Според овие податоци, Македонија е во најлошата категорија кога станува збор за концентрациите на ПМ2,5 и ПМ10 честички, со екстремно високо загадување на воздухот.

Измерените концентрации на ПМ2,5 во земјава се неколкукратно над максимално дозволената граница од 25 микрограми на кубен метар, што претставува сериозен ризик за здравјето на населението. Овие честички се меѓу најопасните загадувачи, бидејќи лесно продираат длабоко во белите дробови и крвотокот на луѓето.

Иако минатата година Македонија била рангирана на 59. место од вкупно 180 земји во светот според индексот за перформанси во животната средина, состојбата со квалитетот на воздухот останува загрижувачка. Според рангирањето за загадување на воздухот, земјата се нашла дури на 128. место, што укажува на сериозен јаз меѓу формалните еколошки политики и реалната состојба на терен.

Овие податоци ги пренесува и Мета.мк, нагласувајќи дека аерозагадувањето останува еден од најголемите еколошки и јавно-здравствени предизвици со кои се соочува државата.

Загадувањето со цврсти честички во земјава во најголем дел потекнува од согорувањето на нафта, нафтени деривати и јаглени, укажува професорот од Институтот за хемија, Трајче Стафилов. Според него, токму овие извори се меѓу клучните фактори за високите концентрации на ПМ честички во воздухот, особено во зимскиот период.

„Од 2002 година на секои пет години вршиме истражувања на загадувањето на воздухот, особено во регионите каде што има историско индустриско загадување преку биомониторинг со мовови со земање на мостри од истите места за да ги следиме трендовите. Се испитуваат присуствата на кадмиум, олово, цинк кои се резултат на работата на велешката Топилница, рудниците во источниот дел од земјата, Југохром и Макстил. Можеме да потврдиме дека загадувањето кое сме го нотирале на почетокот на истражувањето го имаше и во 2020 година. Примероци земавме и годинава и се анализираат во моментов, но не очекуваме големи промени“, рече Стафилов на научна трибина организирана од Македонското еколошко друштво.

Според податоците од Министерството за животна средина, во период од два последователни дена, измерените вредности над 150 микрограми на кубен метар се регистрирани на пет мерни станици во главниот град.

Врз основа на податоците од државниот мониторинг и временската прогноза од Управа за хидрометеоролошки работи, надлежните најавија воведување вонредни мерки. Тие предвидуваат интензивирани инспекциски надзори на индустриските инсталации со А и Б интегрирани дозволи, проверки на техничката исправност на возилата – особено дизел и нерегистрираните – како и засилени контроли на градилиштата.

Со мерките се забранува горење на отворено, а до компаниите е упатена препорака да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години и граѓаните со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.

За лицата кои работат на отворено се препорачува работното време да биде од 11 до 17 часот, а воедно да не се организираат спортски натпревари и културни настани на отворено додека траат мерките.

Според официјалните податоци, среднодневните концентрации на ПМ10 во Центар изнесувале 151 и 186 микрограми на кубен метар, во Гази Баба 156 и 178, во Карпош 152 и 180, во Лисиче дури 232 и 266, а во Ректорат 179 и 186 микрограми, што укажува на сериозна опасност по здравјето на населението.

Професорот Стафилов дополнително посочува дека состојбата со загадувањето во Велес е непроменета повеќе од две децении. Главната причина е депонијата со троска која стои на отворено, без никаква заштита, па опасните материи слободно се разнесуваат во воздухот, почвата и подземните води. Слично е и со депонијата на фосфогипс на ХИВ Велес, која е изложена на отворено, иако покажува зголемена радиоактивност.

„Истражувањата на прашините од поткровјата на велешките куќи покажаа извонредно високи вредности на тешки метали како кадмиум, олово, цинк, арсен, индиум… Оловото и цинкот во прашината што ја дишеле луѓето се движеа дури и во проценти. Кога го објавивме, нашиот труд беше многу често цитиран како најлош пример за загадување“, вели Стафилов.

Меѓу најголемите загадувачи во земјава е отпадот со линдан, кој се наоѓа во две депонии во ОХИС и една во Пеленица. Сузана Андоновска од Канцеларијата за ПОПс во Министерството за животна средина објаснува дека при производство на 10 отсто линдан, останувале 90 отсто нуспроизвод, кој бил закопан во овие депонии.

„Неразградливите органски загадувачи се движат на големи растојанија и се откриени дури и на места каде што никогаш не биле произведени, како што е Арктикот, тие влегуваат и во синџирот на исхрана, а се таложат во масните ткива и можат да предизвикаат различни болести меѓу кои и карцином“, посочи Андоновска во изјава за медиуми.

Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС започна во септември 2021 година. До овој се транспортирани и уништени 1.932 тони високо концентриран HCH отпад и 586 тони почва контаминирана со HCH изомери. Собраниот линдан е уништен во Треди во Франција, а контаминираната почва се транспортира во постројката Индавер во Германија.

Во моментов, работите на малата депонија се запрени поради недостиг на финансиски средства, а се проценува дека во големата депонија во ОХИС има околу 50.000 тони линдан. Во Пеленица кај Драчево се смета дека има околу 40.000 тони чист HCH и дополнителни 6.500 тони мешан отпад, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Овие податоци дополнително ја нагласуваат сериозноста на аерозагадувањето во земјава и потребата од итни мерки за заштита на здравјето на населението и еколошката состојба на околината.

Back to top button
Close