Администрацијата: или ќе прави пари, или ќе почне да чита. Средниот терен полека станува опасна средина.
Зуфер Бајрами
Бевме непријатно изненадени од информацијата дека за 12 часа камерите на “Safe City“ регистрирале над 65 илјади сообраќајни прекршоци.

Врз основа на оваа мала алузија, може да претпоставиме дека секоја наредна претпоставка за тоа колку многу нешто се случува, треба да ја зголемиме за (уште многу повеќе) за да бидеме барем приближно објективни во нашата проценка.
Претпоставувам дека и корупцијата ја има многу повеќе отколку што претпоставуваме.
Кога сме веќе кај корупцијата и мерењата. Еден крајно тривијален податок. Во 2014 година кога беше врвот на режимот на Груевски, кога судските одлуки магично излегуваа од тефтерчето на Гордана е истата годината кога Македонија имала најдобар резултат на Индексот за корупција на Transparency International. Денес сме пет поени подолу.
Најдобрата вест што ја слушаме во последно време, освен тоа дека еден ден воздухот во Скопје бил чист, за жал е веста за се почестите апсењата на раководители на институции и разни државни функционери осомничени за злоупотреби и корупција.
Се плашам дека ако овој тренд продолжи, ќе останеме без администрација.
Не затоа што мислам дека целата администрација е корумпирана, туку затоа што административните “рутини“ често немаат никаква врска со она што го пропишува законот.
Овој феномен Douglass North го нарекува неформални институции: навики, норми и непишани рутини кои и во нашата реалност често имаат поголема тежина од пишаните и важечките закони.
Не велам дека администрацијата не знае да чита, но очигледно е дека често администрацијата е недоволно обучена, а уште почесто лошо обучена.
Кога зборуваме за лошата обука и неформалните административни рутини, оваа состојба не е случајна. Таа е резултат на намерен дизајн на длабоко вкоренети коруптивни мрежи кои, држејќи го целиот систем во расипана (корумпирана) состојба, ја кријат нивната корупцијата со имотна корист под превезот на “игноранцијата“. Еден расипан домат меѓу пет други расипани домати е полна кеса со расипани домати. Ајде, најди која е корумпирана.
Ништо не може да функционира ако не владее правото. Законот е рамниот терен, или консензусот за тоа што нарекуваме рамен терен. Секое отстапување од ова правило, особено во држави како нашата, е опасен пат.
Често, непочитувањето или лошото спроведување на законот може да се толкува како корупција, иако често станува збор за тешка состојба на тешко незнаење.
Затоа, администрацијата или треба да тера “жестоко“ и да прави пари (со потенцијален ризик да заврши во затвор), или да почне да чита, поставува прашања и инсистира на одговори.
Средната (mi dont no, mi ekstrimli stupid) состојба, полека станува опасна како опција.






