Бизнисменот Нефи Усеини, кој тепаше општински советник, лапна дел од милионскиот тендер на „Македонија пат“
Фирмата на контроверзниот бизнисмен од Охрид доби околу 70.000 евра и е меѓу оние кои ја поделија јавната набавка тешка околу 3 милиони евра.

Фирмата на контроверзниот бизнисмен Нефи Усеини доби дел од тендерот за зимско одржување на државните патишта објавен од Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, пишува „Фактор“.
Фирмата на бизнисменот од Охрид доби околу 70.000 евра и е меѓу оние кои ја поделија јавната набавка тешка околу 3 милиони евра.
Меѓу фирмите е и „Диктор ЦД“ на Зоран Иванов, син на поранешната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова. Неговата фирма добива над 642,3 илјади евра. „ЈА-МИ“ на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев пак, добива 580,5 илјади евра, за зимско одржување на дел од патиштата.
Фирмата „Ган-Логистик“ на Бурим и Насер Ибиши и Кренар Ибраими пак, добива речиси 639 илјади евра за дел од овој тендер. За 544,7 илјади евра, во групата се вклучува и тетовската „Инфраструктура“ која е во сопственост на Абдурахим Алија.
Во групата фирми кои ќе ги одржуваат патиштата е и „Јан Констракшн“, чии сопственички се Доста Стојаноска и Наташа Јанкулоска, пишува „Фактор“. Фирмата од овој тендер добива над 390,2 илјади евра. Дел од овој тендер е и битолската „Зимак“, сопственост на Роберт Рајкоски, на чија сметка ќе легнат речиси 71,5 илјади евра.
Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта овие договори ги прави за оваа зима, односно сезоната 2025/2026 година, а се наведува како „ангажирање трети лица“, бидејќи претпријатието самостојно не може да се справи со снегот.
Меѓу другото, се бара камионите кои ќе го чистат снегот да имаат вграден ГПС, а возачите сами да се снабдуваат со храна, но кога ќе тргнат на пат, со себе да имаат храна за цел ден.
Нефи Усеини е поранешен политичар и советник во Општина Охрид, избран од редовите на ДУИ. Тој е управител и сопственик на неколку фирми со различни бизнис активности, вклучувајќи угостителство и други дејности.
Усеини стана познат во јавноста по неколку контроверзии околу бесправно градење, вклучувајќи обвиненија за дивоградби во Охрид, за што е поднесено обвинение од обвинителството.
Има и случаи поврзани со правни постапки, како што беше неговиот привремен притвор со гаранција, каде судот прифати хипотека на имот за да биде ослободен од одговорноста за тоа што претепал општински советник.






