Државата има резерви на мазут, ЕСМ може да се снабдува со нив – вели Божиновска
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска информира дека на утрешната владина седница ќе се разгледува барањето на АД ЕСМ за прогласување кризна состојба на пазарот со струја, поради отежнатата достава на енергенти потребни за производство на електрична енергија.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде прогласена кризна состојба, таа посочи оти државата има резерви на мазут, кои ќе го снабдат ЕСМ.
„ЕСМ поднесе писмо до Владата, тоа ќе се разгледува утре на владина седница. Утре ќе дискутираме и ќе знаете што ќе се договориме на Влада. Државата има резерви на мазут, со кои ќе може да го снабди ЕСМ. Ако има протести во Грција и повеќе од 30 дена има неможност да се набави мазут, тоа значи дека државните резерви ќе го снабдат ЕСМ“,рече таа.
Божиновска очекува до крајот на неделава МЕПСО да го финализира изборот на фирма што ќе го прави далноводот со Албанија и да го потпише договорот.
„До крајот на неделата договорот ќе биде потпишан. МЕПСО сигурно ќе информира со повеќе детали. Моите сознанија се дека сè е завршено, се чека само официјален потпис“,кажа министерката.
АД ЕСМ минатата недела преку писмо побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја. Причина за тоа се секојдневните блокади на грчките земјоделци, поради што е отежната доставата на енергенти потребни за производство на електрична енергија.
Ова на 19 декември го потврдија и од Владата, посочувајќи дека за дописот од ЕСМ ќе се одлучува на следната владина седница.
„Ваквата иницијатива за активирање на државните резерви произлегува од состојбата со блокадите на грчките земјоделци, поради што не може да се реализира набавката на мазут, неопходен во делот на производството“,соопштија од Владата.






