Министерството за финансии исплати нова транша од 14,2 милиони евра за поддршка на домашните компании

Со оваа исплата, вкупната сума која е исплатена кон домашната економија преку оваа мерка, од Финансии велат дека изнесува 217,5 милиони евра

Министерството за финансии соопшти дека е исплатена нова транша од 14,2 милиони евра од Централниот буџет кон Развојната банка на Северна Македонија. Овие средства се директно наменети за поддршка на инвестициските проекти на домашните компании.Од Финансии велат дека се исплатени две транши од кои едната е во вредност од 305 милиони денари и транша од 568 милиони денари, односно вкупно 873 милиони денари или 14,2 милиони евра.

Како што појаснуваат од Министерството, оваа финансиска поддршка се обезбедува под поволни услови преку рамката на унгарскиот заем.

Со оваа исплата, вкупната сума која е исплатена кон домашната економија преку оваа мерка, од Финансии велат дека изнесува 217,5 милиони евра.

Во Буџетот за оваа година се предвидени вкупно 250 милиони евра за поддршка на инвестиции. Очекувањата се дека оваа државна поддршка ќе покрене приватни инвестиции во вредност од околу 300 милиони евра.

Компаниите имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период до три години. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот е до 10 милиони евра во денарска противвредност, а во целиот проект се вклучени сите 13 банки.

Договорот за заем со Унгарската експорт-импорт банка беше потпишан пред повеќе од една година во Будимпешта. Кредитот е во висина од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие влегоа како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра се насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти, односно за финансирање на проектите на општините.

Средствата станаа оперативни откако Владата на седница на 28 јануари годинава донесе одлука за нивно ставање на располагање на компаниите.

Back to top button
Close