За чудoвосхитот, убавината и времето

Кица Колбе

 

Античките филозофи, особено Сократ и Аристотел, веруваа дека филозофијата започнува со зачуденоста пред светот, пред постоењето, пред битието. Никогаш не би се „запрашале” за смислата на постоењето, доколку претходно не сме се „зачудиле“ поради самиот факт на постоењето.

Децата се вистински мајстори во зачуденоста, запрашаноста и восхитеноста од сите нешта во светот, иако не знаат дека со тоа тие веќе го познаваат изворот на таа наука која некогаш се нарекуваше „круната” на сите науки – филозофијата.

Во германскиот јазик постои зборот „Staunen“ кој на македонски се преведува со „чудење”. Кога се сеќавам на тоа како во детството ја доживував природата во пролет, снегот што се спуштил нечујно врз светот, само за да ги изненади и восхити токму децата, тогаш ми се чини дека германскиот збор „Staunen“ е најблиску до чувството што го имав тогаш. Тоа не беше чудење како кај возрасните. Зашто „возрасното чудење“ е премногу скептично, за да биде ознака за доживувањето на детето кое светот го гледа со оџагарени очи од восхит, зачуденост, изненаденост, но и љубопитност помешана со трепет пред непознатото.

 

Што е чудовосхит и зошто е важен?

Во германскиот јазик има два збора кои на македонски се преведуваат со „чудење“ – „Staunen“ и „Wundern“. „Staunen“ е точен израз за чувството што го паметам од детството. Затоа „Staunen“ би го превела на македонски со „чудовосхит”. Од друга страна, „Wunder“ (чудо) во германскиот произлегува од „Wundern“, збор што на македонски се преведува исто со чудење.

Зборот чудење во македонскиот често е израз и за скепса и за неверица. А тој што доживува нешто како чудо е восхитен, зашто е уверен дека е сведок на нешто што го надминува неговиот разум, но го потврдува неговиот копнеж и вера. Чудо не може да се доживее со скепса и недоверба, зашто не е негација, туку афирмација. Затоа чудото не може да се докаже со рационални средства. Тие што го доживеале чудото имаат „внатрешна јасност”, но таа не е научен факт. Затоа и двата израза, чудовосхит и зачуденост (чудење), се во голема мера комплементарни и само заедно го опишуваат тој специфичен начин на доживување на светот кај децата и кај возрасните.

 

Зачуденоста како почеток на филозофијата

Чудовосхитот, всушност, е емотивната и ментална состојба во која светот за миг го доживуваме како чудо. За такви чувства сведочат многу научници, физичари или астрономи. Чудовосхитот, пак, за децата е нормална состојба, зашто тие уште не ја познаваат скепсата на разумот и сè доживуваат како чудо. Кога како деца во лето легнувавме на земјата, во тревата, и се загледувавме во облаците, фиксирајќи го погледот врз нив, за да доживееме како се движат, мене ме обземаше и восхит и чудење и трепет. Затоа што чувствував дека го насочувам погледот во нешто што е многу поголемо од сите нас.

Небото за децата е нешто големо и восхитувачко, но и таинствено и застрашувачко. Самата станував облак од внимателното гледање угоре. По кусо време џарење во облаците, земјата под мене почнуваше да се движи. И ми се заматуваше умот. Веројатно од страв од тоа што го насетував, а што го надминуваше мојот детски хоризонт. Сепак, тој миг во нас будеше илјадници прашања и копнеж за знаење.

Многу години подоцна тој детски чудовосхит го препознав во описот на германскиот филозоф Имануел Кант на естетската категорија на возвишеното. Ние сме чудовосхитени и како возрасни кога набљудуваме и доживуваме нешто што ги надминува границите на нашиот разум.

 

Разликата меѓу детското и возрасното чудење

Кога го набљудуваме ѕвезденото небо или ја слушаме бучавата на океанот, сме чудовосхитени и како возрасни, иако понекогаш бараме пребрзо логично објаснување за феномените, пред воопшто да ги доживееме само според нивната форма и изглед како естетски феномени. Или како чудо, како што сме правеле кога бевме деца. Тие не знаат за науката, ниту пак се ограничуваат со правилата на возрасните. За нив светот на мравките е еднакво возвишен како и ѕвезденото небо. Детскиот чудовосхит е афирмативен, дури и кога е оџагареност и немост пред големината и длабочината на тоа што детето не може ниту да го замисли ниту да го разбере.

Има научници што сметаат дека чувството на чудовосхит пред убавината на природата или пред тајната на длабочината на душата на секој човек нѐ учи на скромност и на емпатичност. Ни дозволува да го заборавиме нашиот егоизам и фиксираноста врз својот малечок свет. Чудовосхитот ни го бистри умот и ни го шири видикот – менталниот, креативниот и чувствениот. Такви мигови на чудовосхит пред големината на природата, на бескрајот, на човечката храброст и човечката емпатија ни го даруваат чувството на припадност на нешто поголемо од нас. Тоа може да е природата, заедницата, фамилијата или пријателството.

 

Чудовосхитот во науката и уметноста

Кога на Божик во германските градови во зимскиот самрак сиот свет ќе потоне во „најтивката ноќ”, возрасните што не го заборавиле детскиот чудовосхит, барем за миг чувствуваат дека се невидливо поврзани со сите луѓе. Тоа чувство на восхит и чудо, трогнатост и маѓепсаност од мигот може да се доживее при читањето книга, на концерт или во симбиозата во чинот на доживувањето на ликовно дело.

Мене тоа ми се случува со музиката на Моцарт и Бах или со сликите на Паул Кле, Марк Ротко или Јулиус Бисије. Особено сликите на Кле и Бисије го будат чудовосхитот од светот на децата. Кле често се инспирирал од детски цртежи, а сликите на Бисије се медитација за убавината на најдребните нешта во животот.

Детскиот чудовосхит кај мене особено силно се разбудува на крајот на годината, затоа што никогаш не заборавив дека за мене беше тајна зошто возрасните веруваат дека токму на полноќ на 31-ви декември завршува старата и започнува новата година. Кога ќе се разбудевме по новогодишната вечер, утрото не беше поинакво од минатото, тоа што веќе требаше да биде „минато и старо време”. Се прашував: како изгледа, како мириса, како се допира „новото” време? Никогаш не ги изговорив тие прашања, зашто знаев дека возрасните само ќе се зачудат поради моите „чудни” прашања. Иако и тие знаеле некогаш дека за децата времето не минува, зашто тие немаат чувство за време, а и за броењето на часовите мораат прво да научат да го читаат часовникот. И ден-денес за првите денови во јануари имам во мене ментална слика на белина и чистота, на неиспишани бели листови. И тогаш си помислувам дека најдобрата симболика за времето и животот би била книгата, и дека деновите се бели листови што треба самите да ги исполниме со животно писмо.

 

Како да го разбудиме детето во нас?

Само на крајот на годината се потсетувам на детското чувство дека времето не постои или дека времето е бескрај. Повеќе како утеха, отколку како интуиција. Затоа што изминот на времето го сознаваме само од промената на нештата. Од стареењето, наше и на нештата. Од растењето на децата и од нивната брза преобразба во возрасни. Зашто детството, тој „рај на детството”, како што пишува Влада Урошевиќ во книгата „Маџун”, е многу кус, како секој земски рај.

Сепак, би било убаво кога во ова хектично време би можеле, барем одвреме-навреме, од нашата „ментална архива” да го повикаме детето во нас и да се потсетиме на тој детски чудовосхит за времето што се чини вечност. Како сеќавањето на летното попладне кое е бескрајно како море. Или сликата на детскиот спокој, со кој сме се чудовосхитувале на „непознатиот свет” скриен во тревата, и со часови сме ги набљудувале мравките. За тоа треба за миг да се откажеме од возрасните зависности од апаратите и да го гледаме сиот свет, најголемото и најдребното, без посредување. Само окото и чудовосхитот во нас. (Dw)

Back to top button
Close