ИРЛ: „Пулс“ како гасна комора од чад и цијаниден гас – како навистина умреле жртвите во Кочани

Обдукциските извештаи откриваат дека ниту една од 50-те жртви од пожарот во кочанскиот див ноќен клуб „Пулс“, кај кои како причина за смрт е утврдено задушување со јаглерод диоксид, немале ни приближно фатални нивоа за да умрат од тоа. Според обдукциските наоди, хемиското и градежното вештачење, како и новата линија на сведоштва на вклучените во настаните ноќта на 16 март годинава покажува дека во воздухот во клубот „Пулс“ гореле токсични материјали како што е полиуретански сунѓер, кој кога гори испушта водороден цијанид. Обвинителите и вештаците по судска медицина го знаеле ова, но за време на истрагата не ги испитале присуствата на цијанид, пишува ИРЛ.

Автори: Александар Јанев, Деница Чадиковска, Елена Митревска Цуцковска, Сашка Цветковска; Графика: Лука Блажев

02:44-16 Март 2025

Кога Зоран Попов ќе го чуе повикот од 194, нема да очекува нешто повеќе од вообичаеното дежурство во еден мал град во сабота навечер – повредени во тепачка, сообраќајна несреќа или болни стари лица. Возилото на Итната помош со одговорната сестра Александра Кокева, техничарот Зоран Попов, лекарот Дивна Давиткова и возачот Иле Гоцевски веднаш ќе се упати на местото на настанот – градското диско „Пулс“.

Возилата на Итната помош веќе биле таму за околу 10 минути. Болницата била брзо подготвена за трагичниот бран. Во 3 часот и 1 минута, 80 проценти од персоналот е на работа и сите одделенија се отворени.

 

Од клубот „Пулс“ во брзата помош со Зоран Попов ќе се возат тинејџерите кои успеале да се измолкнат навреме. Но, вистинскиот смртоносен бран Попов ќе го сведочи надвор од „Пулс“.

„Умираа, и во комбе, и пред лифтови, по скали, секаде умираа. Зборуваа, зборуваа, и паѓаа и умираа.“ Ова нема да е ни првата ни последна необична смрт што медицинскиот техничар Зоран Попов ќе ја посведочи таа ноќ.

Зоран се сеќава и на деца кои навидум биле толку лесно повредени што самите си влегувале во комбето. За потоа наеднаш да починат. На точно време не може да се сети, но времето било кратко. „Тоа беше хорор, никој не може да каже за колку брзо умирале децата. Толку, до десет минути најмногу“, вели тој иако додава дека не може да тврди со прецизност. Зоран Попов и неговите колеги не се единствените што ќе забележат чудни настани.

02:35 -16 Март 2025, дискотека Пулс

Не гледале оган, а гореле

Само десетина минути претходно, Венко Јовановски со друштвото стоел на шанк на само 15-ина метри од бината. Добро чул како бендот ги предупредува дека има пожар. Одеднаш почувствувал како му горат рацете, а пламен немало никаде, како да бил во фурна. Видел дека капе нешто од плафонот, како „црни саѓи во форма на капки“, а кои паѓале и врз него. Притоа, со рака ги туркал и успевал да ги изгасне.

Фотографија од вештачењето на облеката на починато лице, на која се забележуваат црни капки

Гитаристот на ДНК, Горан Тонев, во исказите пред надлежните опишува дека и тој се сеќава на некакви црни капки кои паѓале од плафонот и на присутните им ги палеле косите, иако немало пламен во близина.

 

„Осетив дека ми гори косата. Со левата рака се удирав по главата. Многу ме печеше, пржеше и дури во еден момент мислев дека ќе умрам“, изјавила 17-годишната Мелиса Велиова во Обвинителството.

 

 

03:05 – 16 Март 2025

Ангелчо Ангелков, пожарникар доброволец, таа ноќ возел такси. Само што влегол дома, од прозорецот здогледал лавини од чад и оган како се креваат кон небото. Живеел близу и веднаш излегол да помогне во гасењето. Но, таму се соочил со нешто што не го доживеал во друг пожар.

Внатре во „Пулс“, во хаосот Ангелков се сеќава дека не се борел само со чадот, туку и со тежок и остар мирис, толку чуден и стравотен, каков што никогаш не почувствувал.

„Сум гасел многу пожари, но ова не знам на што мирисаше, не можам да го споредам со ниеден друг пожар.“ Тој следниот ден не се чувствувал добро и по прием во болницата во Штип бил упатен на лекување во Државната клиника за токсикологија во Скопје.

 

05:30 -16 Март 2025

Директорката на кочанската болница телефонски и писмено ги известува обвинителите за бројот на мртви и повредени во периодот од 3 до 5:30 часот. Според писмениот допис до обвинителството, примиле 47 починати без никакви знаци на живот и дополнително уште три пеплосани тела.

Повеќе

Back to top button
Close