МОН воведе ромски образовни медијатори и во средното образование

Министерството за образование и наука продолжува со мерките за зголемување на инклузијата на ромските ученици. Откако минатата учебна година бројот на ромски образовни медијатори во основното образование беше зголемен од 40 на 50, годинава за првпат се воведуваат медијатори и во средното образование.

Како што информираа од МОН, преку јавен повик беа одбрани 20 лица кои ќе работат со средношколци од ромската етничка заедница во надминувањето на образовните и други предизвици со кои тие се соочуваат во секојдневието. Тие денес ги потпишаа договорите за работен ангажман и се сретнаа со министерката за образование и наука Весна Јаневска која изрази благодарност за нивната желба и подготвеност да се вклучат во заложбите за подигнување на инклузивноста на националниот образовен систем.

– Имаме голем успех со ромските образовни медијатори во основното образование. Очекувам и вие да бидете ефикасни во работата, која е многу благородна. Разговарајте со родителите, градете добар однос со училишните служби, вклучувајте ги во училиштата оние кои не се на настава и помагајте им во образувањето и во остварувањето на сите други права. Важно е да имаме што поедуцирано население, бидејќи знаењето е основната алатка за успех, рече министерката Јаневска, додавајќи дека во тек е јавен повик за ангажирање дополнителен број медијатори.

Јаневска посочи дека зголемувањето на инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование е програмска определба на Владата и затоа, како што рече, освен поддршката преку образовните медијатори, заложбата за спречување на дискриминацијата и сегрегацијата, се зголемува и поддршката преку стипендирање на нивното образование.

Back to top button
Close