„Големата црна птица“ – за тагувањето, за отвореноста да се „види“ смртта и за животот потоа
“Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство. Ништо не е повидливо од твојата трага пред мене и зад мене, со мене и во мене“.
Петре М. Андреевски

Кога и да станува збор за темата на смртта во книжевноста за млади се навраќам на горенаведениот цитат на Петре М. Андреевски. Кој успева да артикулира една форма на присутност во отсуството на Другиот кое, во извесни фази, го впива сиот живот околу и станува чудна идентитетска основа – јас сум изгубил/а некого и постојам во сеќавањето и чувството на неговото/нејзиното отсуство.
И такво е чувството на 14-годишниот Бен и неговиот помал брат чија мајка еден сончев октомвриски ден, умира.
Бен раскажува за деновите што следуваат, за шокот, за тоа како се чувствуваш кога ќе се соочиш со смртта и како секој член на семејството реагира различно на неа. Тој се сеќава на неочекуваните изливи на бес на мајка му или на тоа како сакала да се искачува на дрвја – и да најде утеха во еден обичен пердув кој долетува од небото. (Чудна шума)
Романот „Големата црна птица“ на Штефани Хефлер отворено зборува за шокот на загубата, за важноста на оплакувањето, тагувањето и за отвореност да се зборува и да се „види“ смртта.
Хефлер е дел од култура која има различен однос кон младите и оплакувањето. Пристапува со почит кон младите и отвореност кон смртта и кон важноста на чинот на оплакувањето.
Дури и во приказната на Бен индиректно му се препорачува да го види телото на својата мртва мајка и да се поздрави со неа.
„Сега Ма лежеше на грб и нејзиниот нос го пресекуваше воздухот, шпицесто и неприродно исправен нагоре. Очите и беа затворени, рацете и лежеа блиску до телото. Косата ѝ беше уредно наместена од десната страна. Ма изгледаше како Ма и истовремено сосема поинаку. Всушност изгледаше како помлада и построга сестра на мајка ми. Во плетениот стол меѓу креветот и малиот регал со омилените книги на Ма, што ѝ ги подарив за минатиот роденден, седеше Та, неговата глава беше потпрена наназад на ѕидот. Ги затворил очите. Не знам кој од моите двајца родители ми беше потуѓ во тој момент. Обајцата беа бесконечно далеку“.
Низ скокање во минатото, сегашноста (деновите околу смртта и погребот) и иднината, преку суптилни и нежно преплетени елементи на благ магиски реализам, Хофлер создава приказна за шокот, за болката отаде зборовите, за тагата и бесот, но пред сè, за оплакувањето и продолжувањето понатаму.
“Мислев на тоа колку често Ма ме гушкаше. Секојпат иако одбивав, со техниката својствена за неа, цврсто и истовремено сепак некако лабаво, и какво беше чувството во таа прегратка со нејзините скокотливи, долги прамени коса во моето лице и со благото ѕвечкање на нејзините стаклени алки зад мојот грб. Дента кога умре Ма беше сончев октомвриски ден. Кога ќе умре некој во некоја приказна, тогаш најчесто тоа е на дождлив ден. Или на маглив ден, кога ниеден сончев зрак не продира низ прекривката од облаци. Тоа повеќе одговара за смртта, ја нагласува мрачната атмосфера.
Но јас не сакам ова тука да звучи како мрачна приказна. Воопшто не ни знам дали мислам дека приказната е мрачна. Не знам дури ни дали ова ќе биде приказна. Но доколку биде, тогаш треба да раскаже како е кога некој одеднаш умира. Како поминуваат првите денови, како се справуваме со смртта. Или како не се справуваме. („Големата црна птица“, стр. 14)
Ликовите кои Хофлер ги создала во оваа приказна се спротивставуваат на флоскулите и секогаш истите говори на погребите кои ја унифицираат автентичноста и неповторливото искуство на животот со личноста која била сакана. А со тоа и процесот на оплакувањето и продолжување напред, кој е, наспроти тоа, секогаш различeн за секој кој оплакува.
И така создала роман кој може да понуди утеха тогаш кога зборовите ни бегаат, а обидите за помош на блиските стануваат дополнителен товар.
Tоа го прави „Големата црна птица“ ( во превод од германски: Ксенија Чочкова; издавач: „Чудна шума“ ) уште еден одличен роман за млади.
Лени Фрчкоска





