ДУИ: Неприфатлив политички потег отпуштањата во Министерството за односи меѓу заедниците
Демократската унија за интеграција изразува длабока огорченост и сериозна загриженост поради скандалозниот и политички неприфатлив потег на министерот Иван Стоилковиќ, кој отпушти седум вработени Албанци од Министерството за односи меѓу заедниците – институција од клучно значење за спроведување на Охридскиот договор и за гарантирање на меѓуетничката еднаквост во државата, стои во соопштението на ДУИ.

Оваа одлука претставува директен удар врз принципите на еднаквост, соживот и правична застапеност и не може да се оправда со невистинити и навредливи изговори за јавноста, како што е тврдењето за таканаречена „дисциплинска мерка“. Во услови кога на вработените им се ускратени најосновните услови за работа – функционални канцеларии, столчиња, техничка опрема и конкретни работни задачи – секоја ваква мерка претставува административна фарса и доказ за однапред умислена дискриминаторска намера.
Од првиот ден на формирањето на оваа Влада и преземањето на овој ресор од страна на министерот Стоилковиќ, албанските вработени зборуваат за веќе добро позната реалност: намерна изолација на еден кат од Министерството, целосен недостиг на основни услови за работа, постојан психолошки притисок и траен страв од селективни отпуштања. Денешната одлука само ја потврдува оваа континуирана и добро организирана намера.
Иронијата е вознемирувачка и политички опасна: Министерството, кое треба да ја штити меѓуетничката еднаквост, свесно се претвора во флагрантен пример за нејзино кршење. Овој потег не е ниту случаен ниту индивидуален, туку одразува пристап кој директно го нарушува духот и начелата на Охридскиот рамковен договор.
ДУИ ја оценува оваа состојба не како обичен административен проблем, туку како сериозен политички и општествен аларм кој ги загрозува меѓуетничките односи. Одговорноста не паѓа само врз министерот Стоилковиќ, туку и врз неговите владини партнери, особено ВМРО-ВЛЕН, чие молчење пред овој скандал е исто толку загрижувачко како и самите постапки на министерот и претставува политичка соодговорност.
Демократската унија за интеграција бара итен прекин на дискриминаторските практики во ова Министерство, безусловно враќање на неправедно отпуштените вработени, како и целосна институционална истрага и јасна политичка одговорност за овој флагрантен акт на дискриминација.
ДУИ ќе продолжи решително да ги брани достоинството, правата и меѓуетничката еднаквост и нема да молчи пред ниту еден обид за враќање на етноцентрични политики кои оваа држава еднаш засекогаш ги остави зад себе.





