Обвинителство за „Пулс“: Причината за смртта на секој од починатите е неспорно утврдена, беше утврдено испуштање на цијанидни гасови

Откако од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ алармира за сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, што отвора прашања дали вистинската причина за смртта на жртвите во клубот е соодветно утврдена, побаравме одговор од Обвинителството.
Од Обвинителството истакнуваат дека причината за смртта на секој од починатите е неспорно утврдена и за најголемиот дел од нив таа е резултат на задушување од отровни гасови.
-Во обдукциските наоди е наведено дека станува збор за комбинација од јаглерод моноксид и други отровни гасови. Поради сомненија за исклучителната токсичност на гасовите кои настанале по пожарот во „Пулс“, јавните обвинители од првиот момент во сите издадени наредби инсистираа и бараа експертите да се произнесат во однос на составот на вдишаните материи кои беа последица на пожарот. Ваквите детални испитувања беа неопходни од три приоритетни причини: утврдување на причината за смртта на починатите, како битна околност за лекување на преживеаните, но и за утврдување на каузалната врска меѓу дејствијата и последицата која токму со овие вештачења се потврди, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека вештачењата на Институтот за хемија и анализата на МВР-ОФИ врз примероци од сите материјали вградени во клубот и начинот на нивно согорување ја потврдиле веројатноста за испуштање на цијанидни гасови како последица на пожарот.
-Дополнително, обвинителството бараше од Институтот за судска медицина да се произнесе и околу фактот дали со дополнителна кислородна или друга терапија би биле спасени дел од жртвите. Притоа е добиен дециден одговор дека „употребата на таква терапија немало да влијае врз спасување на нивните животи, бидејќи кај нив вдишувањето на јаглероден моноксид не е единствениот фактор кој влијаел во настапување на смртниот исход“. „Во конкретниот случај кај починатите се констатирани, покрај присуство на карбоксихемоглобин, цијаниди и термички оштетувања на лигавицата од дишните патишта“, стои во дополнителното произнесување од Институтот за судска медицина, кој е дел од доказниот материјал. Исто така, на самото судење вешто лице од Институтот во детали ќе се произнесе за сите овие околности, појаснуваат од Обвинителството.
Затоа како што појаснуваат, од тие причини, ниту едно од овие прашања не е ново или неиспитано од страна на обвинителството, а објавеното истражување се темели токму на доказниот материјал прибавен по наредба на обвинителскиот тим.
-Јавните обвинители и при одредување на правната квалификација и опсегот на обвинението ги имаа предвид сите овие аспекти и затоа меѓу обвинетите се сите оние лица кои имале обврска во текот на целиот временски период на функционирање на клубот да проверат и да спречат вградување на материјали кои не ги задоволуваат стандардите за безбедност од аспект на емисија на штетни гасови при пожар. Такви вградени материјали кои при согорување продуцирале отровни гасови, согласно доказите обезбедени од јавното обвинителство, постоеле во клубот од неговото отворање во 2012 година до денот на настанување на пожарот и тоа го детерминира временскиот опсег на обвинението. Имајќи предвид се погоре наведено, не постои ниту една причина за дополнителна обдукција или ексхумација на починатите, истакнуваат од Обвинителството.
фокус.мк






