„Титан-Усје“: Нападот врз компанијата е неоснован, работиме согласно сите стандарди и не ги надминуваме законски дозволените лимити

Скопската цементарница „Титан-Усје“ ги отфрла обвинувањата дека работењето на компанијата е причина за квалитетот на воздухот во градот. Според нив, компанијата се користи како изговор за неосновани напади, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.
„Компанијата работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент. Технологијата која се применува во ’Титан-Усје’ соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија“,
се вели во денешната реакција од компанијата.
Според „Титан-Усје“, работата на компанијата е континуирано контролирана од страна на Државниот инспекторат за животна средина.
Последното контролно мерење, додаваат, било извршено на 18 декември годинава од страна на Државниот инспекторат за животна средина, при што инспекторите утврдиле дека нема отстапувања од законски дозволените лимити. Истиот ден, во ноќните часови, бил извршен и ненајавен инспекциски увид и тогаш исто така било констатирано дека сите вредности се во законски дозволените рамки.
Од компанијата потсетуваат дека споредбените податоци јасно и недвосмислено укажуваат дека лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје нема корелација со работата на „Титан-Усје“.
„Во дел од зимските месеци, кога амбиенталниот воздух во градот е со најлош квалитет, компанијата ги врши редовните годишни ремонти на печките и тие се исклучени. Обратно, во летните месеци, кога печките работат со полн капацитет, амбиенталниот воздух во градот е со најмало загадување. Резултатите од мерењата го потврдуваат овој факт“,
велат од „Титан-Усје“.
Според нив, сите досегашни јавно достапни научни истражувања и студии покажуваат дека индустријата не е меѓу главните причинители на лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје. Потврда на тоа, велат оттаму, е и фактот дека загаденоста во овој период е голема и во други градови во земјата, каде што нема индустрија.
Компанијата наведува и дека поседува А – Интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање и оти согласно тоа има обврска да врши 24-часовен мониторинг на издувните гасови. За таа цел, од „Титан-Усје“ велат дека на сите точки кои се точно утврдени од надлежните институции, имаат инсталирано систем за мерење од германскиот производител SICK, кој е редовно калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании.
„Сите мерења континуирано покажуваат дека не се надминуваат законски определените гранични вредности на емисии (ГВЕ), а кај дел, вредностите се неколкукратно пониски од законски дозволените лимити – на пример, кај вкупната прашина најчесто три до пет пати, а кај сулфур диоксид и неколку десетици пати пониски од дозволените“,
се додава во реакцијата.
Оттаму додаваат и дека на истите емисиони точки се прават и дополнителни контролни мерења што ги вршат независни лаборатории, а резултатите од овие мерења исто така потврдуваат дека нема отстапки од законски дозволените лимити.
Од компанијата објаснуваат дека во нивниот современ индустриски капацитет со високо ефикасен, комплексен систем на филтрирање, во секој филтер има по 2 000 вреќи кои ја запираат прашината, која потоа се враќа во производниот процес и станува составен дел од финалниот производ.
„Целосно се неточни тврдењата дека компанијата ги исклучува филтрите. Филтрите се неразделив дел од производната линија, односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите“,
велат оттаму додавајќи оти сите заинтересирани приватни и правни лица можат да дојдат и да ја посетат компанијата.
Од „Титан-Усје“додаваат дека ќе продолжат да работат согласно законските норми, со одговорен и транспарентен однос кон сите засегнати страни.






