Која држава ќе се распадне?!
Мерсел Биљали
Пред скоро две недели, поточно на 14 декември, моќната кинеската медиумска платформа NetEase, објави драматична статија во која го повикува Пекинг да се подготви за најлошото сценарио за распад на Русија, со порака дека седумте милиони квадратни километри од рускиот Далечен Исток не смеат да се изгубат!

Статијата од Net Ease го опишува рускиот регион како огромно ресурсно богатство за Кина, но во исто време и товар за Москва. Потоа, таа опишува еден вид прирачник за „тивка анексија“, со продлабочување на инвестиции во тој регион, преместување на луѓе и капитал, склучување долгорочни договори, поддржување на локални елити кои се пријателски настроени кон Кина, воведување на јуанот и финансирање на инфраструктурата со предизвикувачки кредити. Дополнително, кошмарот на Москва со години се поврзува со намалувањето на населението на истокот на земјата и слабеењето на нејзината економска моќ. Русите се плашат дека комбинацијата од овие фактори би можела да го натера Пекинг да почне да ги презема највредните делови од нивбата територија. Според доверлив документ од Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) што неслучајно беше објавен во јавноста пред неколку месеци, дури и рускиот претседател Владимир Путин се плаши дека Кина веќе „се обидува да направи продор“ во источната област.
Интересно што авторот на статијата во NetEase, се осврнува и на „штетните договори“ (1858-1860) година, и бара повторно расправа за територијални прашања. Имено, во тој период, Русија и Кина (династијата Кинг) потпишаа два клучни договори: Договорот од Ајгун (1858) кој ја воспостави копнената граница по реката Амур, и Пекиншкиот договор (1860) кој го потврди претходното и ја дефинираше конечната граница до реката Усури, завршувајќи го процесот на анексија на надворешна Манчурија од страна на тогашната Руска Империја.
Во 1991 година, во Москва беше потпишан договор за демаркација на советско-кинеската граница, а следната година беше ратификуван од двата парламента. Работите за демаркација по речиси целата должина на границата во нејзиниот источен дел од Монголија до реката Туманаја беа завршени во 1997 година, при што Русија доби 1.163 острови, а Кина 1.281, приближно иста површина. По 40 години преговори, Русија конечно ѝ врати на Кина територија од 174 квадратни километри долж североисточната граница на Кина. Рускиот и кинескиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Јанг Диеуки во Пекинг потпишаа договор со кој се дефинираат техничките детали за предавањето на островот Тарабаров, како и половина од островите Болшој и Усуријски, кои се наоѓаат на крајната источна граница на Русија со Кина, во близина на рускиот град Хабаровск.
Оттука, руските безбедносни служби сериозно сега јавно предупредуваат дека Кина веќе тивко се пробива на руска територија, особено кон огромни територии од Манџурија која е под руска контрола. Анализата објавена во „Њујорк тајмс“, е опишана како „најдетален поглед зад сцената за тоа како руската контраразузнавачка заедница размислува за Кина“ и опишува „напната и динамична битка за разузнавање во сенка“ меѓу двете навидум пријателски земји.
Русија без Владивосток?!
Војната меѓу Кина и Русија по должината на границата, вклучувајќи го и течението на реката Амур во блиското 1969 година, се уште е свежа. Советско-кинеската гранична војна беше врвот на тензиите и поделбите во Студената војна, а денес Кина и Русија се сојузници, но со ептен напната историја и скриени намери.
По 40 години преговори, Русија конечно ќе ѝ врати на Кина територија од 174 квадратни километри долж североисточната граница на Кина во август оваа година. Рускиот и кинескиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Јанг Диеуки во Пекинг потпишаа договор со кој се дефинираат техничките детали за предавањето на островот Тарабаров, како и половина од островот Болшој Усуријски, кои се наоѓаат на крајната источна граница на Русија со Кина, во близина на рускиот град Хабаровск.
Иако Пекинг и Москва се фалат со своето „неограничено партнерство“ на глобалната сцена, се чини дека еден далечен дел од Русија го привлече вниманието на Кина. Во пограничниот регион на Приморскиот крај, бројот на кинески земјоделци брзо се зголемува, а нивната економска моќ сè повеќе ја надминува онаа на домашните претприемачи, објави јапонскиот весник „Никеи“.
Последниве години, еден од најголемите стравови на руските стратешки кругови во областа на националната безбедност е растечката ранливост на Русија кон Кина. Овој страв е особено изразен на рускиот Далечен Исток и по должината на брегот на Пацификот. Таму Кина е влезена во бројни стратешки индустрии. Ова е област каде што се наоѓаат бројни стратешки индустрии, вклучувајќи го и огромниот комплекс за производство на воени и цивилни авиони во Комсомолск на Амур, каде што се произведуваат најнапредните борбени авиони Сухој, особено Су-35 и Су-57.
Кина веќе го купи првиот од двата модели, а вториот е опремен со технологии и системи што Пекинг многу би сакал да ги има.
Кинезите мнозинство во источна Русија?!
Историските права се основата врз кои Кина лесно може да се прошири кон истокот од Русија. Притоа, не треба да се враќаме во 1860 година. На рускиот Далечен Исток, кинеското население беше многубројно сè додека не започнаа советските масовни депортации во Кина. Етничкото чистење на Далечниот Исток го достигна својот врв во 1930-тите.
Пред револуцијата што ги донесе болшевиците на власт, Кинезите сочинуваа 41 процент од регистрираната работна сила во тогашните Амурски и Приморски региони. Вистинскиот број веројатно беше многу поголем, бидејќи многу Кинези работеа таму сезонски или како дневни работници. Етничките Руси веројатно станаа малцинство во еден момент, што го натера Сталин да започне длабоко нехумана политика на масовно протерување за да обезбеди руска супериорност во оддалечен регион, потсетува CEPA во својата анализа на кинеското влијание на рускиот Далечен Исток.
Ако навистина сака да заземе делови од руска територија, вистинската стратешка предност за Пекинг е огромната разлика во економската и популациската моќ на Кина во споредба со Русија. Националното богатство на Кина е речиси шест пати поголемо од руското, додека населението е речиси десет пати поголемо. И иако обете земји имаат големи демографски проблеми, јасно е дека Кина, со своите 1,4 милијарди жители, ќе ги издржи овие тешкотии полесно од Русија, која би можела да падне на помалку од 130 милиони граѓани до 2035 година.
Интересно што кинеските автори не се обидуваат да ја ублажат пораката „за тивка анексија на испочна Русија“ барем со дипломатски или заобиколен речник. Тие го опишуваат Далечниот Исток како „коска од коски“ за Русија, огромна, но бескорисна област затоа што „нема пари за развој, нема луѓе, а војната на Запад ги исцрпува дури и последните ресурси“.
Рускиот претседател Владимир Путин, со започнyвањето на војната против Украина, само што ја забрзува славната и опасната руска игра – „руски рулет“! Истовремено, тоа ќе биде уште една лекција дека народите што избираат корумпирани лидери не се жртви, туку соучесници во сопствената трагедија.






