ДОМ: Дислокацијата е стратешка цел, но на Скопје му треба чист воздух денес

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравува Одлуката на Советот на Град Скопје за поднесување иницијатива за дислокација на тешката индустрија. Тоа е легитимна долгорочна визија за хуман град, која ја поддржуваме како крајна цел, се наведува во соопштението од ДОМ.

„Сепак ДОМ како одговорна зелена партија мора да предупреди на реалноста: дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години. Тука се отвораат прашања за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти за кои во моментов нема ниту временска рамка, ниту финансиска конструкција.

Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима.

Затоа, додека се трасира тој долг пат за дислокација, ДОМ инсистира на итна примена на КОНКРЕТНИ МЕРКИ кои даваат резултат веднаш. Не смее да се дозволи „иницијативата за дислокација“ да биде изговор за нечинење денес.

 

Бараме од Владата и МЖСПП итно спроведување на следниот пакет мерки:

1. Јавен мониторинг во реално време – право да знаеме што дишеме:

Мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат „интерна тајна“ на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности.

 

2. Временско поместување на ремонтите:

„Усје“ да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и јануари. Ова е бесплатна мерка која веднаш ќе го намали товарот врз воздухот во најкритичните месеци на температурна инверзија.

 

3. Стоп за алтернативни горива:

Итна забрана за користење на пластика, текстил и гуми како енергенс. Додека фабриката е во населено место, мора да работи исклучиво на гас.

 

4. Технолошка надградба – „Влажни испирачи“:

Задолжително вградување на влажни испирачи (scrubbers) за фаќање на киселите гасови и честички. Ова е стандард кој мора да се исполни без одлагање доколку не се користи гас.

 

5. Жестока контрола на „малите оџаци“:

Загадувањето не е само од индустријата. Потребни се итни, засилени контроли на сервисите и погоните кои горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад. На инспекторите да им се обезбеди современа опрема за индикативни мерења. За ова ни треба силен Инспекторат за животна средина (ДИЖС), предводен од докажан професионалец од техничките науки со искуство во индустријата,а не партиски кадри кои не ги познаваат процесите.

 

Иницијативите се добри за подигање на свеста, но на Скопје му требаат решенија. Дислокацијата е иднината, но транспарентноста, мониторингот во живо и забраната за горење отпад се сегашноста која мораме да ја обезбедиме“ стои во соопштението од ДОМ.

Back to top button
Close