ЗНАМ до СДСМ: Сашо Петровски беше носител на советничката листа за општина Кисела Вода, но нема партиска функција. Нема партиско-политичко влијание во ниту една ваква постапка

Во врска со дeнешната прес конференција на СДСМ, а во однос на
тендерската постапка на хигиеничарски услуги во ЈП Македонски пошти, сакаме да ја информираме јавноста дека Движењето ЗНАМ за наша Македонија нема никакво партиско-политичко влијание во ниту една ваква постапка, се наведува во реакцијата на ЗНАМ на денешната прес-конференција на опозициската СДСМ, што МИА ја пренесува интегрално.
Точно е дека господинот Сашо Петровски беше носител на советничката листа за општина Кисела Вода, но не е носител на каква било партиска функција. Тој е приватен стопанственик кој долги години се занимава со бизнис за одржување на хигиеничарски услуги во приватниот сектор и во минатото има сериозно професионално портфолио во оваа сфера во одржувањето на приватни компании, но и државни институции.
Што се однесува до конкретниот случај, несакајќи да навлегуваме во материјална дискусија, доколку кој било надлежен орган утврди каков било конфликт на интерес, прекршување на постапката или прекршување на законите, ги повикуваме надлежните да постапат согласно законската норматива.
Во спротивно секој го има демократското право да води сопствен бизнис и да учествува на јавните конкурси.
ДВИЖЕЊЕТО ЗНАМ се оградува од било каква инволвираност во ваквите случаи.
Центар за комуникации и аналитика на ЗНАМ






