Сомнежи за парво вирус во пансион за кучиња во Скопје: сопственичка тврди дека миленикот ѝ угинал по престој во „Ав, ав“, заразени и други миленици
Сопственичка тврди дека нејзиното куче починало откако било оставено на чување во пансионот за кучиња „Ав, ав“, посочувајќи дека животното било вратено во тешка здравствена состојба и заразено со парвовироза. Таа за случајот јавно проговори на социјалните мрежи, каде објави дека, според неа, во пансионот има присуство на парво вирус и ги повика сопствениците итно да ги земат своите миленици.

„‘Ав, ав’ ми го убија кучето. Сите да си ги земете и однесете кучињата дома. Во хотелот има парво вирус. Земете си ги со време, пред да ви ги изгладнат без да ви кажат, со денови, и да ви умрат во раце штом ги земете“, напиша Пејковска во јавната објава.
Според нејзиното сведоштво, кучето по име Мајло престојувало десет ноќи во пансионот. На 25 декември, околу 17 часот, ѝ било вратено со објаснување дека тој ден не јадел и бил нерасположен. Таа тврди дека веднаш по преземањето, уште пред да стигнат дома, кучето повратило и се онесвестило, по што било однесено на итен ветеринарен преглед.
„На ветеринар ни рекоа дека има парво вирус и дека е речиси во крајна фаза. Кога ја контактирав ветеринарката за која ми беше кажано дека рекла дека кучето е добро, таа ми потврди дека имало крв во изметот – информација што јас никогаш не ја добив од пансионот. Мајло беше со обилно крвавење, од 5,5 килограми паднат под четири. Ми го вратија како сенка од куче. Ова не се случува за еден ден. Ова е резултат на денови болка, гладување и игнорирање“, наведува Пејковска.
Таа посочува дека, и покрај обидите на ветеринарите со инфузии и терапии, состојбата била веќе критична и кучето починало. Според неа, доколку пансионот навреме реагирал и ја информирал за здравствените проблеми, постоела реална шанса животното да преживее.
Од редакцијата на „Скопје1“ утринава побарале став од пансионот за кучиња „Ав, ав“, но до моментот на објавување на овој текст не добивме одговор, ниту реакција на поставените прашања.
Во меѓувреме, Пејковска објави и комуникација, за која тврди дека била водена меѓу пансионот и друг корисник на нивните услуги, кој прашувал дали неговото куче било во контакт со заразениот и починат Мајло. Според објавените принт-скринови, сопственикот бил уверуван дека контакт немало, но подоцнежните тестирања покажале дека и тоа куче, иако возрасно и со претходни здравствени проблеми, било позитивно на парво вирус објави Скопје1.мк
…






