ВМРО-ДПМНЕ: СДСM го стави Андонов во партиските органи само за да велат дека е политички прогон

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ги отфрли обвинувањата на СДСМ за политички прогон, нарекувајќи ги „очајни обиди“. Според ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата однапред знаела дека Филип Андонов се огрешил пред законот.
Од партијата тврдат дека именувањето на Филип Андонов-Сокол во Извршниот одбор на СДСМ било потег со цел пресудата за него подоцна да се претстави како политички прогон.
„Јасно беше уште од почетокот дека Филип Андонов беше ставен во извршниот одбор на СДС, бидејќи самите знаеја дека е виновен, па сега тоа го продаваат како политички прогон. СДС е како буквар, прочитани се од сите“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквите наративи не поминуваат кај јавноста и упатија директен совет до раководството на опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа социјалдемократите што поскоро да се оградат и дистанцираат од криминалците во партијата, на чело со Заев и Филипче.
Претходно од СДСМ преку соопштение ја обвинија власта дека ги има ставено судството и обвинителството во своите канџи за да вршат репресија врз партиски функционери.
Од СДСМ тврдат дека коалицијата ВМРО-ЗНАМ ја активирала последната фаза од својата кампања, која според нив вклучува политички прогон. Како доказ за ова, партијата ја посочува денешната пресуда за Филип Андонов, поранешен директор на затворот во Шутка и член на Извршниот одбор на СДСМ.






