„Теа. Дневник“ – или како текстот на мајката и цртежите на ќерката создаваат уметничко дело
Кон „Теа. Дневник“,
авторка: Криста Унцнер
издание: Чудна шума
Превод од германски: Ксенија Чочкова
Возраст: 16+

-Замислете ја својата мајка само како девојка. Да речеме средношколка. Не како личност која ви е тука здраво-за-готово. Пред се, НЕ како мајка. Туку како девојка која има соништа, планови, активности, пријатели, стравови, сомнежи и сл. без воопшто да се имате предвид самите себеси во нејзините очи – гласеше еден од многуте совети за комуникација на комплицираната релација мајка-ќерка на кој случајно наидов скролајќи низ лавината рилови, карузели и кратки совети на психолози и терапевти на инстаграм.
Оваа ретка можност едноставно „ѝ се случила“ на германската илустраторка Криста Унцнер кога години по смртта на нејзината мајка во рака ѝ паднал нејзиниот дневник, напишан во периодот помеѓу јануари и мај 1945 година, кога имала 19 години.
Во периодот кога Хитлер умира, руската и американската армија навлегуваат во Германија,, а Берлин е бомбардиран Теа заедно со група германски цивили станува бегалка. Петте месеци од животот на нејзината мајка Унцнер ги илустрира и надополнува со ситни лични коментари. Текстот на мајката и илустрациите и коментарите на ќерката „дискутираат“ и создаваат уметничко дело.

Унцнер ја има ретката можност за директен увид во животот на нејзината мајка како млада девојка, исплашена од војната, која бега од руските војници, еден дел од долгото патување потполно сама, проси за кревет во разрушениот Берлин, стравува дали ќе ги види повторно нејзините роднини. Нејзината перспектива за војната и позицијата на Германија има улога и на документаристички запис и увид во перспективата и светогледот на германските граѓани кои биле цел на агресивна пропаганда.
Младата Теа има наивна перспектива на настаните но нејзиното прецизно око истовремено ги забележува и опишува со скрупулозност на новинарска репортажа. За потоа да западне во сонување будна или да се вљуби и да го доживее својот прв бакнеж во однос за кој знае дека нема иднина, но во моментот кога светот мириса на смрт и болка е потполно разбирливо кратко бегство од суровоста на животот.
Текстот на мајката и илустрациите на ќерката создале дело кое жанровски се лула на границата помеѓу илустриран дневник и графички роман. Покрај емотивното пречитување на текстот на мајката, согледување на нејзиниот лик како девојка и искушенијата кои ги минала и ја (транс)формирале во мајката на Унцнер (што е пред се емотивно искуство на Унцнер додека работи), двете заедно создале интересна и слоевита дијалошка, уметничка и естетска конструкција.
Во последните работни минути на оваа 2025 година ви/ни посакувам што повеќе вака квалитетни книги.
Среќна Нова година
Лени Фрчкоска






