Од Авав Хепи велат дека инспекциски надзор не е заради вирус, туку поради административни аспекти од работењето. АХВ пак велат дека постапуваат исклучиво од аспект на здравствена заштита и спречување на ширење заразни болести
По три дена молк, пансионот за кучиња „Ав ав хепи дог“ се огласи во јавноста, негирајќи дека во објектот е утврдено присуство на парвовирус и наведувајќи дека, како што тврдат, не постои официјален наод што укажува на заразна болест кај кучињата згрижени во пансионот, пренесе Скопје1.

Во писмената реакција, управителката на „Ав ав хепи дог“ ДООЕЛ Скопје, Наде Богоевска, наведува дека актуелниот инспекциски надзор не се однесува на постоење вирус, туку на технички и административни аспекти од работењето на објектот. Од пансионот информираат дека со Агенцијата за храна и ветеринарство соработуваат целосно и транспарентно и дека ги почитуваат сите пропишани процедури, апелирајќи граѓаните да се воздржат од шпекулации и информации што, според нив, не се потврдени од надлежните институции.
„Во врска со информациите што се шират на социјалните мрежи, информираме дека во нашиот објект не е утврден парвовирус, ниту пак постои официјален наод кој укажува на заразна болест. Инспекцискиот надзор се однесува на технички и административни точки, а не на постоење вирус. Со АХВ соработуваме целосно и транспарентно и ги почитуваме сите пропишани процедури.Ги молиме граѓаните да се воздржат од шпекулации. Сите официјални информации ќе ги соопштат надлежните институции — не социјалните мрежи. АВ АВ Хепи Дог секогаш работи по строг режим на хигиена и биосигурност и останува посветен на заштита на животните. Единствена овластена институција која треба да го даде конечниот одговор е Агенцијата за храна и ветерина која тоа ќе стори во најкус можен рок, бидејќи постапката пред оваа агенција е во тек“, се наведува во соопштението, во кое се посочува и дека секое, како што велат, лажно информирање на јавноста ќе биде пријавено до МВР и надлежното Јавно обвинителство.
Истовремено, од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Скопје1“ претходно информирале дека по добиени иницијативи и претставки, официјален ветеринар во моментот спроведува вонреден инспекциски надзор во пансионот лоциран во скопската населба Бардовци, поради сомнеж за циркулирање на заразна болест кај кучињата. Наводите во претставките, според АХВ, се однесуваат на сомнеж за појава на парвовироза.
Од Агенцијата појаснија дека со постојната законска регулатива работата на пансиони и хотели за домашни миленици не е системски регулирана, односно тие не се регистрираат и не се одобруваат од АХВ, поради што постапуваат исклучиво од аспект на здравствена заштита и спречување на ширење заразни болести кај животните. Воедно, беше најавено дека во новиот закон за здравствена заштита и благосостојба на животните, кој е во финална фаза на подготовка, оваа област ќе биде регулирана, а пансионите ќе мора да исполнуваат одредени услови и да добијат одобрение од АХВ.
Агенцијата упати и апел до сопствениците на кучиња да бидат одговорни, да ги микрочипираат своите миленици, да поседуваат валиден пасош, да ги вакцинираат против заразни болести и редовно да ги третираат со средства против паразити. Од АХВ најавија дека јавноста дополнително ќе биде информирана за наодите од надзорот, потенцирајќи дека единствена институција која може да даде конечен одговор е токму Агенцијата за храна и ветеринарство, бидејќи постапката сѐ уште е во тек.
Случајот излезе во јавноста по сведочењето на Ана Пејковска, која јавно тврдеше дека нејзиното куче починало откако било оставено на чување во пансионот „Ав ав“. Таа наведе дека кучето било вратено во тешка здравствена состојба и дека, според ветеринарната дијагноза, било заразено со парвовироза. Пејковска на социјалните мрежи ги повика сопствениците итно да ги земат своите кучиња, тврдејќи дека во објектот има присуство на парво вирус.
Според нејзиното сведоштво, кучето по име Мајло престојувало десет ноќи во пансионот, а по преземањето на 25 декември било во критична состојба, со повраќање и губење на свеста. Таа тврди дека ветеринарите утврдиле дека болеста била во напредна фаза и дека, и покрај обидите за лекување, животното починало. Пејковска смета дека доколку навреме била информирана и доколку било реагирано порано, кучето имало шанса да преживее.
(…)
Во меѓувреме, таа објави и комуникации со други сопственици на кучиња, кои, според нејзините тврдења, по престој во истиот пансион добиле позитивни резултати на парвовироза. Дополнително сведоштво објави и лице кое тврди дека било на пракса во пансионот, опишувајќи, како што наведува, загрижувачки услови за чување на животните, наводи што пансионот досега не ги коментираше поединечно.
Редакцијата на „Скопје1“ во изминатите три дена безуспешно се обидуваше да добие одговор на конкретни прашања упатени преку нивниот официјален профил на социјалните мрежи.
Парвовирозата е исклучително заразно вирусно заболување кај кучињата, кое може да има фатален исход, особено доколку не се реагира навреме. Ветеринарите предупредуваат дека изолацијата на заболени животни и строгите мерки за дезинфекција се клучни за спречување на ширење на вирусот, а институционалната контрола на објектите за згрижување животни останува прашање од сериозен јавен интерес, објави Скопје1.мк






