Трикратно повеќе пари за филмови: Агенцијата за филм ги објави резултатите од вториот рок

Со овој конкурс, Агенцијата за филм продолжува со поддршка на млади и перспективни автори, како и на нови режисерски и продукциски гласови, кои го развиваат својот авторски израз и придонесуваат кон динамичен и современ развој на националната кинематографија. Посебен фокус е ставен на проекти кои носат свежи теми, нови естетики и современи авторски пристапи.
Оваа година, преку вториот рок на Конкурсот, поддржани се етаблирани филмски работници и режисери со значаен авторски и професионален опус, како и звучни имиња од домашната и регионалната филмска сцена, меѓу кои се Радован Петровиќ, Изер Алиу, Марија Апчевска, Кумјана Новакова, Саша Станишиќ, Лидија Мојсовска, Ана Јакимска и Ивица Димитријевиќ.
На овој начин се овозможува стабилност во развојот на македонскиот филм, но и отворање простор за нови автори како Тина Величковиќ и Ханис Багашов, кои се дел од новата генерација филмски творци. Во рамки на конкурсот се поддржани и четири долгометражни играни филмови во меѓународна копродукција, со партнери од Албанија, Србија, Словенија и Црна Гора, што претставува продолжување на воспоставената меѓународна соработка и размена на креативни и продукциски искуства и големување на меѓународната видливост на македонските филмски проекти.
Вкупниот износ на доделени средства во вториот круг за 2025 година изнесува 97,300,000 денари.
Агенцијата за филм на Република Северна Македонија останува посветена на стратешка поддршка на авторски, иновативни и копродукциски филмски проекти, со фокус на одржлив развој, генерациска рамнотежа и јакнење на меѓународната соработка.






