БОЛКАТА ГИ ОБЕДИНИ КОЧАНИ И КРАН-МOНТАНА: Семејствата на жртвите од пожарот во „Пулс“ со трогателна поддршка за настраданите во Швајцарија

Трагедијата во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана, каде во пожар загинаа најмалку 40 лица, предизвика силен бран на емпатија и солидарност во Македонија.

Најпотресната порака пристигна од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“, кое ги обединува семејствата на настраданите во пожарот во објектот „Пулс“ во Кочани.

Членовите на здружението, кои и самите ја поминаа голготата на ненадејно губење на своите најмили во огнена стихија, упатија писмо со сочувство до Швајцарската амбасада. Тие велат дека веста за несреќата ги вратила во денот кога нивните животи засекогаш се поделиле на „пред“ и „по“.

„Знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче и кога тишината зборува погласно од зборовите. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана“, стои во емотивното обраќање.Во моменти кога швајцарските власти работат на тешката идентификација на жртвите, семејствата од Кочани потсетуваат дека солидарноста е единственото нешто што има вистинска вредност во вакви моменти.

„Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и со повредените. Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае“, порачуваат од здружението.

Пожарот во Швајцарија се случи за време на новогодишната прослава во преполн бар, каде според сведоштвата, жртвите останале заробени поради блокирани излези. Додека Швајцарија прогласи петдневна жалост, Македонија веќе понуди медицинска помош за повредените преку Координативниот центар на ЕУ, потврдувајќи ја силната солидарност меѓу двете држави.

Back to top button
Close