Што има на бугарските евро монети?
Мотивите што Софија ги избра за своите евро монети веќе беа на националната валута лев. Лик на коњаник, карпест релјеф од почетокот на 8 век, ги краси монетите од еден, два, пет, 10, 20 и 50 центи. Ова уметничко дело, кое прикажува витез кој победува лав, е светско наследство на УНЕСКО.

На монетата од 1 евро е прикажан светецот-заштитник на Бугарија, Свети Јован Рилски, пустиник од 9-ти и 10-ти век и основач на најголемиот бугарски манастир. На монетата од 2 евра е претставен Пајсиј Хилендарски, монах од 18-ти век и клучна фигура во бугарската национална преродба. На работ на монетата е натпис: „Бог да ја чува Бугарија“.
Еврото за прв пат беше воведено на 1 јануари 2002 година во 12 земји. Хрватска беше последната што се приклучи пред Бугарија, во 2023 година. Со влегувањето на Бугарија, бројот на Европејци што ја користат заедничката валута се зголеми на повеќе од 350 милиони.
Инаку, Бугарија ја дочека Новата година како 21-ва членка на еврозоната, а воведувањето на еврото кое што се случи речиси 20 години по пристапувањето во Европската унија, предизвика поделени реакции. Додека властите се надеваат на економски стимул, многу граѓани се плашат од зголемување на цените и дополнителна политичка нестабилност во земјата, пишува „Еуроњуз“.
Точно на полноќ, Бугарија се збогува со својата национална валута, левот – чие име значи „лав“, вековен симбол на земјата – а слики од новите бугарски монети од евро беа проектирани на зградата на централната банка.
„Топло ја поздравувам Бугарија во евросемејството“, рече Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка, нарекувајќи го еврото „моќен симбол на споделени вредности и колективна сила“. Меѓу првите што ја испробаа новата валута беше 43-годишниот Димитар, кој подигна 100 евра од банкомат кратко по полноќ и извика: „Одлично! Функционира!“.
Бугарите долго време беа поделени околу еврото
Сите претходни влади во Бугарија, земја со 6,4 милиони жители, се залагаа за приклучување кон еврото, надевајќи се дека тоа ќе ја поттикне економијата на најсиромашната членка на ЕУ, ќе ги зајакне врските со Западот и ќе ја заштити од руското влијание. Но, Бугарите долго време беа поделени околу промената, при што многумина беа загрижени дека воведувањето на единствена валута може да доведе до повисоки цени и да ја влоши политичката нестабилност што веќе ја потресува земјата.
Во својот новогодишен говор, претседателот Румен Радев го поздрави потегот како „последен чекор“ во интеграцијата на Бугарија со ЕУ, додека илјадници луѓе во Софија се бореа со температури под нулата за да ја прослават Новата година. Сепак, Радев изрази жалење што граѓаните не одлучија за ова прашање на референдум.
„Ова отфрлање беше еден од драматичните симптоми на длабоката поделба меѓу политичката класа и народот, потврдена со масовни демонстрации низ целата земја.“ Протестите против корупцијата ја соборија конзервативната влада кон средината на декември, оставајќи ја земјата на работ на осмите избори за пет години.
На еден од најголемите пазари во градот, цените се прикажани и во левови – валутата што се користи од 18 век – и во евра. „Цела Европа успеа со еврото, и ние ќе успееме“, рече пензионерот Влад.
„Тоа е знак на припадност“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека влегувањето на Бугарија во еврозоната е „важна пресвртница“ за граѓаните. „Тоа ќе го олесни патувањето и живеењето во странство, ќе ја зголеми транспарентноста и конкурентноста на пазарот и ќе ја олесни трговијата“, рече таа. Гувернерот на Централната банка, Димитар Радев, додаде дека еврото симболизира многу повеќе од „само валута – тоа е знак на припадност“.
Сепак, според најновото истражување на Евробарометар, дури 49% од Бугарите се противат на преминувањето кон еврото. Премиерот во заминување, Росен Жељазков, се обиде да ја смири јавноста, велејќи дека „смета на толеранција и разбирање од граѓаните и бизнисите“. Тој исто така нагласи дека инфлацијата во земјата, која се приклучи на ЕУ во 2007 година, не е поврзана со воведувањето на еврото.
Но, загриженоста на Бугарите за инфлацијата не е неоснована. Цените на храната се зголемија за 5% на годишно ниво во ноември, што е повеќе од двојно повеќе од просекот во еврозоната, според Националниот институт за статистика. „За жал, цените повеќе не се совпаѓаат со оние во левови“, рече Тургут Исмаил (33), сопственик на слаткарница, додавајќи дека цените веќе почнале да растат.
„Не е вистинско време“
Кампањата против еврото во 2025 година, предводена главно од крајно десничарски и националистички партии, го искористи негативниот став на голем дел од населението, поттикнувајќи страв од зголемување на цените. Некои претприемачи се пожалија дека еврата тешко се наоѓаат, а трговците рекоа дека не ги добиле првичните пакети евра што ги нарачале. „Не е вистинско време“, се пожали Стефан, 64-годишен економист. „Вчера ги видов бројките за Италија, Шпанија и Германија: нивниот долг е огромен. И на крајот ние ќе го носиме на грб.“
Од друга страна, експертите ги нагласуваат долгорочните предности. „Поголемиот ефект е долгорочниот ефект, во основа зајакнувањето на довербата кога станува збор за валутата, куповната моќ на валутата, довербата на странските инвеститори, луѓето кои купуваат бугарски долг, но и луѓето кои инвестираат во земјата, во различни сектори“, изјави за „Еуроњуз“ Петар Ганев, виш истражувач во Институтот за пазарна економија. Ганев, исто така, објасни дека воведувањето на еврото би можело да има позитивен ефект врз кредитниот рејтинг на Бугарија.






