Нема трага од Македонецот Стивен Ивановски: проверени болници во Швајцарија, надежта сега е во Франција и Италија

Нема никакви нови информации за судбината на младиот Стивен Ивановски, кој исчезна за време на катастрофалниот пожар во барот „Ле Констелејшн“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, потврдува блиска роднина за „Скопје1“. Тие се надеваат дека ќе го најдат во болниците во Франција и Италија, бидејќи низ болниците во Швајцарија го нема.

„Сè уште немаат никакви информации. Семејството живее и работи таму повеќе од 20 години. Проверени се болниците низ Швајцарија и го нема. Се надеваат дека можеби ќе се појави информација од болниците во Франција и Италија“, вели роднината за „Скопје1“.

Од МНР вчера потврдија дека кај нив е пријавено дека се трага по Стивен, а посочија и дека отворени се телефонските линии од амбасадата за секого кој има потреба од помош.

Стивен последен пат бил виден во новогодишната ноќ, кога избувна пожарот во барот, во кој загинаа десетици лица, а стотици беа повредени. Од тој момент, од него нема никаква трага.

Според апелите што ги објавија неговите најблиски на социјалните мрежи, во моментот на исчезнувањето Стивен бил облечен во бели панталони и бел дуксер, а постои можност со себе да ги имал и препознатливите очила за сонце што се гледаат на фотографиите кои кружат на интернет.

Семејството и пријателите упатуваат итен повик до сите кои можеби го виделе Стивен, имаат каква било информација за него или знаат дали бил примен во некоја од болниците во Женева, Цирих или во други европски земји, веднаш да се јават на следните телефонски броеви:

 

076 415 0868

076 385 7165

078 229 5745

„Братучед ми е исчезнат во пожарот во Швајцарија. Ако некој го има видено, нека нè контактира“, стои во апелот што го споделуваат неговите најблиски.Во меѓувреме, болниците во регионот на кантонот Вале и понатаму се под силен притисок поради големиот број повредени. Претседателот на кантонот, Матијас Рејнар, утринава за швајцарските медиуми изјави дека значителен дел од медицинскиот персонал доброволно се вратил на работа за време на слободните денови, а во тек се разговори за ангажирање дополнителни специјалисти за лекување на изгореници од Франција.

Семејството на Стивен Ивановски, и по неколку дена неизвесност, сè уште се надева дека ќе се појави каква било трага што ќе помогне во неговото пронаоѓање.

Back to top button
Close