Живееме подолго, но бројот на родени деца драстично опаѓа
Македонците живеат подолго, но нацијата продолжува да се намалува. Најновиот „Статистички годишник 2025“ на Државниот завод за статистика открива парадоксална слика: очекуваниот животен век се зголемил за една година, но бројот на родени деца драстично опаѓа, оставајќи ја земјата со минус од над 4.000 жители само во 2024 година.

Ова е шеста година по ред како земјата бележи негативен природен прираст, тренд кој започна во 2019 година и не покажува знаци на запирање.
Жените живеат четири и пол години подолго од мажите
Добрата вест во статистиката е зголемувањето на животниот век. Просечниот очекуван животен век сега изнесува 76,63 години, што е скок од една година во споредба со 2023 (75,32).
Жени: Просечно живеат 78,86 години.
Мажи: Просечно живеат 74,48 години.
Алармантни бројки: 700 бебиња помалку за една година
„Белата чума“ и понатаму зема замав. Во 2024 година:
Родени се 16.061 деца (пад од речиси 700 деца во споредба со 2023).
Починале 20.201 лице.
Минус во населението: -4.140 жители.
Колку е драматичен падот покажува споредбата со 2016 година, кога имало 23.002 живородени деца.
Демографска карта: Скопје во плус, Истокот се празни
Единствениот регион во државата што се уште се „држи“ во позитива е Скопскиот регион. Сите останати се во длабок минус.
Најкритично е во Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион, каде негативниот прираст е двојно поголем од државниот просек.
Каде се раѓаат најмногу деца? (на 1.000 жители)
Арачиново (+10,5)
Студеничани (+9,7)
Сарај (+8,4)
Липково (+6,2)
Чаир (+5,5)
Каде населението најбрзо исчезнува?
Ново Село (-14,8)
Новаци (-13,7)
Старо Нагоричане (-13,6)
Кратово (-12,8)
Дури и во Скопје сликата не е униформна. Додека Сарај и Чаир растат, градските општини Кисела Вода (-4,2) и Карпош (-3,9) бележат негативен прираст.
Помалку свадби, повеќе разводи
Статистиката бележи промени и во брачниот живот на граѓаните. Лани бројот на склучени бракови се намалил за 1.600, додека бројот на разводи се зголемил за 259.
Најмногу бракови „пукаат“ во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион, каде има над 200 разводи на 1.000 склучени бракови.






