Во селото Црвена Вода, Дебрца, заврши Балканскиот поетски камп – Ванчо Николески, во Струга започнуваат Струшките вечери на поезијата

Не знам кога ќе стигнеме до целта и дали самиот ќе го доживеам тој миг на задоволство и исполнетост, но, речиси сум уверен, дека, сега веќе,  традиционалната и на овие простори единствена манифестација од тој вид – Балкански поетски камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, ќе прерасне во нешто што е младинската Академија на Камп Ноу, во фудбалот, ќе биде расадник на поетски надежи.

Со вакви охрабрувачки пораки, кои ги испорача основачот, новинарот и публицист Веле Митаноски, заврши Кампот, во селото Црвена Вода, општина Дебрца, пред куќата на Ванчо Николески, основоположникот на македонската литература за деца и млади.

Дури и симболично, Кампот е така поставен да биде временска претходница на Струшките вечери на поезијата. Тоа, на приемот во импресивниот амбиент на Струшките конаци во комплексот на хотелот Дрим, пред учесниците, го нагласи и директорот на струшкиот и светски поетски фестивал, Тодорче Тасевски. Тој им подари книги – изданија на струшкиот поетски фестивал.

Митаноски, својата увереност, ја оправдува со фактот што годинава, во живо и виртуелно, учествуваа млади поети, со објавени поетски книшки од Македонија, Албанија, Србија, Бугарија и Република Српска – Босна и Херцеговина.

Младата бугарска поетеса Каменова, која за жал не можеше да допатува во Охрид затоа што ќе мораше да жртвува две недели карантин, по враќањето во својата земја, одбрана е на предлог на Сојузот на писателите на Бугарија и со посредување на Македонскиот културно – информативен  центар во Софија. Затоа пак, во Охрид, допатува директорот на Центарот, режисерот, професорот Сашко Насев, лично да ги испорача поздравите и надежите, на свеченото отворање, со поздравниот збор на градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.

Со слични проблеми се соочија и пријавените учесници од Србија. Две млади поетеси од Нови Пазар и веќе афирмираната млада поетеса и актерка од Вршац, Ангела Тот.

Нови Пазар беше одбран како симбол на поврзување и подадена хуманитарна рака. Претходно, Охрид испрати медицинска помош за населението во Нови Пазар, кое, во еден период беше алармантно нападнато од новиот масовен убиец-Корона вирусот. Следеше предлчогот за збратимување на двата града.

Ангела Тот годинава завршува средно образование. Поет од првите училишни денови. Надарена млада актерка, виртуоз на виолина. Во подготовка и се неколку книги поезија, кои веќе ги објавувала по магазини. Повеќекратно наградувана. Надежта на српската поезија.

На исто рамниште е и Евита Бојковац од Дервента. Рoдeнa e 2005. Гoдина. Пoкрај пoeзиjа се занимава и со  музика, цртaњe, сликaњe, кaкo и пишување кратки раскази. Со свojата прв збирка поезија „Лeптирoвa чajaнкa“ се прeдстaви пред јавноста 2016. гoдина.  Следеше збирката пeсни „Ружичaстo сунцe и плaви мjeсeц“, 2017 гoдина, зa кojа ја дoби Плaкeтата „Симa Цуцић“ во Нoвo Mилoшeво.

Нешто слично како нашиот Ванчо Николески, во чија чест и слава е формиран Кампот, Симe Цуцићa е рoдoнaчeлник на книжeвната критика во детската литeрaтура. Трeтата збирка пeсни, пoд нaслoв „Кoмпoзитoр мjeсeц“ ја oбjaви 2018 година, четвртата „Лептир сликар“ минатата година и петтата збирка песни, ама под наслов „Шта су лутке?“, оваа година.

Пeсните и се чeстo нaгрaдувани, нa брojни литeрaрни кoнкурси и oбjaвувани во мнoгу детски чaсoписи и пoeтски збoрки во поширокиот рeгиoн. Член e  на повеќе литературни клубoви.

Балканскиот поетски камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески” веќе е регионална манифестација. Се одржува во Охрид, Вевчани и општина Дебрца, под грижата на градоначалниците Константин Георгиевски, Сашо Јанкоски и Зоран Ногачески.

За нив, во Вевчани, особено, беше импресивно разгледувањето и прошетката во комплексот на недопрена природа од  вевчанските извори, но и Спомен куќата на Михајло Пупин, таткото на глобализацијата, чии предци живееле во ова село.

Не останаа должни и мештаните од село Црвена Вода, кои, во знак на признателност кон својот славен соселанец, го направија она кое најдобро умеат да го направат – селски комат и селски ѓомлезец, уште и со овчо киесло млеко од бачилата на Караорман, додека претседателот на Месната заедница (машаката Тиџе!),Војдин Николески,  крајот го заслади со природен мед, собран од диви пчели.

Балкански камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески” се одржува во организација на Здружението “Мацково” со финасиска поддршка на Министерството за култура, како и општините Охрид и Дебрца .

Оваа година Кампот се одржува под патронат на Светската академија на поезијата на УНЕСКО, чиј генерален секретар д-р Лаура Троиси и годинава испрати специјално Послание до учесниците, честитајќи ја “Организацијата на Вториот Балкански младински камп „Ванчо Николески“ (24-27 август 2020 година), кој обединува млади поети и писатели за деца од различни балкански земји”.

На сите учесници на Кампот им посакуваме пријатен престој во Охрид; оваа средба треба да биде пример за сите балкански возрасни писатели и уметници, промовирајќи размена помеѓу различните култури, потврдувајќи го јазикот и литературата, дури и на малите нации. Светската академија за поезија ви посакува најдобар успех на ова ново издание, обновувајќи ја нашата поддршка и покровителство – порача д-р Троиси.

Д-р Троиси, годинава прифати да дојде лично во Охрид, но поради откажаните авио -летови, на релацијата Милано – Охрид, не беше во можност да допатува.

Сепак, таа се погрижи тука да дојде нејзиниот претставник – високо рангираниот член на Академијата и претседател на Одделот за Балканот и словенскиот свет, познатиот поет од Белград, Србија, Мајо Даниловиќ, кој годинава е учесник и на СВП. 

Дека Кампот е навистина препознат како расадник на идни поетски имиња во регионот, од Мелбурн, Австралија, потврди најобјавуваниот македонски писател, академик Божин Павловски.

Покрај честитките, од, како што пишува, далечините, Павловски потсетува на неговиот прв престој во Охрид, пред точно половина век (1970).

– “Престојував во над 50 земји, доживеав секакви чудеса и убавини, но твојот и наш Охрид стои на чело, како некоја круна” – му се обраќа академик Павловски на основачот на манифестацијата, новинарот Веле Митаноски. 

Back to top button
Close