Еден можен компромис со кој Македонија и Бугарија би биле еднакво задоволни

Денко Малески

Подолго време „лобирам“ да се откочи процестот на преговори на Македонија со ЕУ. Тоа го правам преку текстови, повремени настапи на македонски и бугарски портали, како и во разговор со дипломати акредитирани во Скопје кои го бараат моето мислење. Сугерирам, Бугарија да направи гест кој би го отопил мразот во односите меѓу двете соседни државии двата народи: да го признавае македонскиот јазик како официјален јазик на државата. Иако, секому му е јасно дека, за Бугарија, „битката за јазикот“ во меѓународните односи е изгубена, зашто македонскиот јазик е ставен на јазичната карта на Европа уште во шеесеттите, а сега тоа е потврдено во актите на Унијата, ваквиот гест од бугарската држава би можел да го одблокира процесот на преговори на Македонија со ЕУ.

Ние Македонците, националисти или либерали, го доживуваме јазикот како своја татковина и како основен белег на нашата нација, па разбирливо сме иритирани од неговото упорно негирање од страна на официјална Софија. И додека претходната влада беше спремна да премине преку ваквиот однос на бугарската влада кон нас во име на „европската перспектива“, сегашнава, со оглед на изборните ветувања и чувссдтвата на народот, не е спремна да го стори тоа. Бара Бугарија да престане да го омаловажува македонскиот јазик со формулации од типот „на јазикот кој е во оптек“, „согласно уставот“и слично.

На Балканот има и поинакви примери на поведение. После распадот на југословенската федерација мнозина станавме полиглоти преку ноќ. Денес, српскиот, хрватскиот, бошњачкиот и црногорскиот јазик коегзистираат како рамноправни јазици на своите народи во сопствени држави, без некој некому да му вели дека е негов дијалект. Во модерни времиња,имено, во односите меѓу државите,и дијалект издигнат на ниво на официјален јазик на една држава се признава како чин на почит кон народот. Тогаш, разбирливо е зошто поведението на бугарската држава кон македонскиот јазик се доживува како чин зад кој се кријат политички претензии кон народот и државата. Како понатаму?

Еве ја идејата. За нејзина реализација, потребна е дипломатска активност која се раководи од англиската поговорка дека „полоша од тајната дипломатија е само јавната дипломатија“. Значи, во договор со Брисел и Софија, во една мирна атмосфера на разговори, на масата би се ставиле признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и уставни промени со внесување на бугарското малцинство во Уставот на Македонија. Политички гледано, токму сега, кога читаме дека Бугарија во ЕУ го заострува ставот кон јазикот а македонската влада го заострува отпорот кон внесување на Бугарите во уставот, би можело да биде правото време за компромис. Имајќи ја предвид својата европска иднина, Македонија би го фатила буквално последниот воз, пред да се случат драматични промени на Континентот. Згора на тоа, би се отклонила традиционалната „бебедносна дилема“кај Македонците на сомничења за „вистинските“ намери на соседот со инсистирање македонскиот јазик да го третира за дијалект на бугарскиот. Бугарија, која, како членка на ЕУ, не е приморана да прифати ваков компромис, со овој гест на добра волја, би отворила нова страница во односите меѓу двете држави и двата народи и би придонела кон безбедноста и стабилноста на Балканот. Мислам дека ова би бил компромис со кој двете страни би биле еднакво задоволни а не еднакво незадоволни,како што е вообичаеното кај компромисите. Во секој случај, време е за дипломатија.

 

Back to top button
Close