Дали Трамп уште е наш?

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумната

„Значи, мој кнезу, Џенова и Лука станаа само апанажи, само пашалаци на семејството Бонапарта. Но јас однапред ви велам, ако вие не ми кажете дека ќе војуваме и ако вие уште си допуштате себеси да ги ублажувате сите гадости, сите грозотии на тој Антихрист (а јас со мојата чест верувам дека тој е тоа) – тогаш веќе не би сакала да знам за вас, веќе не сте ми пријател, веќе не сте мој верен роб, како што велите. Но, да сте ми живи и здрави! Гледам дека ве плашам, седнете и причекајте“.

Така зборуваше во јули 1805 година прочуената Ана Павловна Шерер, дворска дама и доверлива личност на царицата Марија Феодоровна, дочекувајќи го важниот и висок достоинственик, кнезот Василиј, кој прв дојде на вечерниот прием“.

Ова е почетокот на колосалниот роман „Војна и мир“ на Толстој, кога цела Европа е вознемирена од освојувачките походи и победи на Наполеон Бонапарта. Пет месеци по овој разговор во романот Наполеон ја извојува својата најблескава победа во Битката кај Аустерлиц. По поразот кај Аустерлиц, беше јасно кој е новиот шеф на Европа. Австрија на Хабзбурзите плати висока цена, губејќи клучни територии на запад и југ од земјата (Илирските провинции) и мораше да плати огромни репарации на Франција.

Русија се снајде подобро – Наполеон и царот Александар наскоро се спријателија за време на мировните преговори, па Русија остана недопрена. Тие наскоро станаа главни сојузници во економската војна против Велика Британија, но тоа сојузништво брзо пропадна, што беше причината за кампањата на Наполеон во Русија, што ја запечати целата негова кариера.

Историјата понекогаш прави свои аналогии. Сега во секој политички кулоар, во секој дом, во секоја телевизиска и друга дебата се зборува за големата вознемиреност во Европа од постапките на американскиот претседател  Доналд Трамп.  Тој не води војни на територијата на Европа, туку обратно – сака да ја остави Европа без најважниот поствоен патрон, Американците, сака да ја подели, да грабне, анектира или купи територии како Гренланд, од суверена држава (Данска), а потоа кога ќе го заврши тоа да премине на следен чекор. Некои во Велика Британија велат дека тоа би можело да биде Шкотска (каде тој има свој голф терен). Првиот мандат на Трамп изгледа беше прелудиум за ова што се случува од првата година од неговото второ влегување во Белата куќа, а никој во Европа нема ни блиска претстава како би можеле да се развиваат работите.

Големите земји (иако исплашени по интервенцијата во Венецуела и заробувањето на претседателот Николас Мадуро) сепак го искажуваат своето противење на целосното нарушување на глобалниот поредок, додека малите молчат, стравувајќи да не го навлечат гневот на Трамп.

„Разбојничко дувло“

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот  Франк-Валтер Штајнмајер  пред некој ден изјавија дека Вашингтон „се ослободува од меѓународните правила“ и дека  светот ризикува да се претвори во „разбојничко дувло“.

„САД се воспоставена сила, но таа постепено се оддалечува од некои од своите сојузници и се ослободува од меѓународните правила што до неодамна ги промовираше“, изјави Макрон пред дипломатскиот кор на Франција во Елисејската палата во четвртокот. Тој рече дека Франција „го отфрла новиот колонијализам и новиот империјализам – но исто така и вазалството и дефетизмот“.

Штајнмајер, зборувајќи во средата вечерта на симпозиум во Берлин по повод неговиот 70. роденден, рече дека глобалната демократија е во опасност. Поранешниот германски министер за надворешни работи рече дека  инвазијата на Русија во Украина  била пресвртница, но последователното  однесување на САД означи втор „епохален прекин“.

Дојде до „рушење на вредностите од страна на нашиот најважен партнер, САД, кои помогнаа во изградбата на овој светски поредок“, рече претседателот. „Станува збор да се спречи светот да се претвори во ограбување, каде што најбескрупулозните земаат што сакаат“.

Штајнмајер рече дека ерозијата на светскиот поредок веќе достигнала напредна фаза. Помалите, послаби држави ризикуваат да станат „целосно беспомошни“, а цели региони би можеле да се третираат „како сопственост на неколку големи сили“.

Нивните изјави дојдоа во време кога лидерите на ЕУ –  растргнати помеѓу потребата да го бранат меѓународното право и да ги задржат САД на располагање како витален економски партнер и одбранбен сојузник во Украина и пошироко – се борат да се договорат за координиран одговор на постапките на Вашингтон.

Сегашната македонската владејачка елита целосно застана зад Трамп уште пред изборите во ноември 2024, а уште повеќе по неговата победа. ВМРО-ДПМНЕ ги глорифицираше наводните многу блиски политички врски со членови на администрацијата Трамп, ги воспеваше контактите, зборуваше за цунами од американски инвестиции (а во изминатава година не дојде ниту една,  освен што ни беа воведени дополнителни царини), веруваше дека новите луѓе во Вашингтон ќе му помогнат на Скопје околу проблемите со Софија и ќе ги принудат политичарите во ЕУ да ги прифатат македонските барања. Ништо од тоа не се случи. Цела година администрацијата на Трамп нема поставено помошник-државен секретар кој ќе ја претставува политиката на САД кон регионот, нема посети од високи дипломати од Стејт департментот. Амбасадата на САД останува без амбасадорката Анџела Агелер откако таа беше сменета со уредба на Трамп и повикана назад во Вашингтон.

Моќта на силата и моќта на правдата

Македонија сега, всушност, и не знае што да прави. Дали да го осуди режимот на Мадуро, но при тоа да се дистанцира од интервенцијата на Трамп во Венецуела? Или да ги оправда сите постапки на стратешкиот партнер во Вашингтон, па макар тоа да значело ставање под колонијален јарем на Венецуела и грабање на целата нејзина нафта. Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова постојано зборуваат за кршење на меѓународното право во случајот на Македонија и патот кон ЕУ и не го извадија од уста она од нив славното pacta sunt servanda.

Претседателката засега молчи за ова кршење на меѓународното право, додека Мицкоски ја оправда моќта на силата пред моќта на правото и влета во стапица откако неколку години ја критикува ЕУ поради тоа во однос на Македонија. Едно од најважните прашања за сегашнава македонска власт е како ќе се постави во евентуална воена интервенција на САД на Гренланд и анексијата на оваа автономна територија на Данска. Ако ја оправда, па дури и ако молчи, тоа може да биде крај за нашите европски амбиции. Македонија самата ќе се исфрли од патот кон ЕУ на кој се тетерави. Ќе повторува дека е дел од НАТО, кој тогаш веќе ќе се распаѓа, затоа што најмоќната земја членка ќе нападне друга држава од алијансата. И ќе ѝ даде карт бланш на Софија уште повеќе да го тормози нејзиниот помал сосед. Ако може Вашингтон, зошто да не може и Софија.

По инаугурацијата на Трамп  лани на 20 јануари Мицкоски им порача на македонските граѓани да се подготват за „новото нормално“, а по шокантниот говор на потпретседателот Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција во февруари, кога жестоко ја нападна Европа, во македонското Собрание „испеа“ цела ода за новата американска политика.

„Според мене,  говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс беше инспиративен историски говор.  Сакале ние да признаеме или не, тој говор, а и настаните кои следат, ќе го сменат светот“, порача тогаш  Христијан Мицкоски. Тој тогаш констатираше дека „предолго време светот е заложник на двојни стандарди и на правилото големите прават што можат, а малите што мораат. Наеднаш немаме офанзивна реторика во светот, без разлика дали станува збор за Украина, Израел, Газа, Блискиот Исток, други конфликти, гледаме дека реториката која сите сега ја прифаќаат и која е предвесник на тие промени, е мир“, рече Мицкоски.

Една година подоцна неговите зборови изгледаат како голема заблуда. Нема мир, туку има немир. Ниту војната во Украина заврши (како што најавуваше Трамп), ниту Блискиот Исток е смирен, а ниту самите  САД се во некаква нирвана. Особено не по убиството на недолжната жена во Минеаполис.

Едно од клучните прашања за стратешките умови кои ја водат (ако ја водат) македонската надворешна и безбедносна политика е што да се прави во овие времиња за кои е потребна длабока промисленост, а не само идеолошко навивање и заслепеност. Откажување на проектите на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, од многу милијарди долари во Белград и на егзотичниот остров во Албанија, се само дел од мозаикот во чии камчиња треба да се бара толкувањето.

Неколку пораки за стратешките умови

Еве неколку пораки од последнава недела кои би можеле да бидат своевидно упатство за македонските стратешки умови што би можеле да ги проучат и потоа да ги калибрираат своите постапки пред можеби да биде доцна. Ќе почнеме од последната. Интервјуто на Доналд Трамп со четворица новинари на „Њујорк тајмс“. Деталите може да се чинат дури и шокантни.

Доналд Трамп рече „Не ми треба меѓународно право“ и дека неговата моќ е ограничена само од неговиот „сопствен морал“.

Трамп рече дека единственото ограничување на неговата моќ како претседател на САД е „мојот сопствен морал, мојот сопствен ум“.

„Тоа е единственото нешто што може да ме запре“, рече Трамп, додавајќи: „Не сакам да им наштетам на луѓето“. Тој продолжи да признава „Да“ во врска со тоа дали неговата администрација треба да се придржува до меѓународното право, но рече: „Зависи од тоа каква е вашата дефиниција за меѓународно право“.

Зборувајќи за Гренланд ја нагласи важноста на сопственоста. „Сопственоста е многу важна“, рече Трамп, додавајќи: „Бидејќи тоа е она што го чувствувам како психолошки потребно за успех. Сопственоста ви дава работи и елементи што не можете да ги добиете само со потпишување на документ“. „Мислам дека сопственоста ви дава нешто што не можете да го направите со… закуп или договор“, рече претседателот, додавајќи „тоа е она што го чувствувам дека е психолошки потребно за успех“.

Кога „Њујорк тајмс“ го праша што е поважно – дали  добивањето на Гренланд  или  зачувувањето на НАТО алијансата, Трамп одби да одговори. Сепак, тој призна дека тоа „можеби е избор“ помеѓу двете опции.

Тој рече дека не верува оти кинескиот претседател Ши Џинпинг ќе ја преземе контролата врз Тајван: „Тоа зависи од него, што ќе прави. Но, знаете, му кажав дека би бил многу незадоволен ако го стори тоа и не мислам дека ќе го стори тоа. Се надевам дека нема да го стори“. Трамп додаде: „Можеби ќе го стори тоа откако ќе имаме друг претседател, но не мислам дека ќе го стори тоа кога јас сум претседател“.

Во понеделникот, еден од најдолгогодишните помошници на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, Стивен Милер, даде најјасно објаснување досега за епохалната промена во глобалната улога на Америка, веднаш по обезглавувањето на режимот на Венецуела.

„Живееме во свет во кој можете да зборувате колку што сакате за меѓународни љубезности и сè друго“, изјави Милер, кој е заменик-шеф на кабинетот во Белата куќа задолжен за политика во интервју за Си-Ен-Ен. „Но, ние живееме во свет, во реалниот свет… кој е управуван од сила, кој е управуван од моќ“, рече Милер.

„Ова се железните закони на светот“. Секој сојузник на САД, кој уште се прашува што се случува по првата година од вториот мандат на Трамп, треба да послуша уште нешто што кажа Милер. „Ние сме суперсила. И под претседателот Трамп, ќе се однесуваме како суперсила“.

Милер го спомена и Гренланд.

„Соединетите Американски Држави се силата на НАТО. За САД да го обезбедат арктичкиот регион, да ги заштитат и бранат интересите на НАТО и  НАТО,  очигледно, Гренланд треба да биде дел од САД.  Никој нема да се бори против САД за иднината на Гренланд“.

Никаде во интервјуто на Милер тој не призна дека поединечните национални држави или територии – на пример, Гренланд – имаат суверено право да одлучуваат за сопствената судбина. Ниту дека меѓународното право, развиено за да се избегне повторување на катастрофалните војни од 20. век, некогаш може да ги ограничи Соединетите Американски Држави.

Имплицирано, реториката на Милер ги отфрли темелите на 80-годишното американско повоено лидерство. Основните документи на Западот – како што е Атлантската повелба потпишана меѓу претседателот Франклин Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил на воена конференција во Пласентија Беј, Њуфаундленд – ја отфрлија идејата дека големите, моќни нации можат да ја наметнат својата волја врз помалите. Овие принципи се исто така темел на основачките документи на ОН и колективниот сојуз на НАТО.

Пред ден-два во интервју за Фокс њуз, потпретседателот Венс беше прашан колку далеку се подготвени САД да одат во врска со Гренланд.

„Па, конечната одлука ќе ја донесе претседателот, но од Европа доаѓа многу негодување, а Европа не се справи со фундаменталниот аргумент што го изнесуваат претседателот и целата администрација. Гренланд е клучен – не само за нашата национална безбедност, туку и за безбедноста на целиот свет. Луѓето не го сфаќаат тоа. Целата инфраструктура за ракетна одбрана делумно зависи од Гренланд. Значи, прашањето е: дали Европејците, дали Данците, направија добра работа за обезбедување на Гренланд и обезбедување дека може да продолжи да служи како сидро за глобална безбедност и ракетна одбрана? И одговорот е, очигледно, не“.

Понатаму во разговорот тој беше уште погруб:

„Она што го слушам е дека постојано се враќаат во минатото. Тие велат: се боревме заедно во Втората светска војна или во војната против теророт. И ние сме благодарни за тоа. Сакаме да имаме такви сојузници. Но, само затоа што сте направиле нешто паметно пред 25 години не значи дека не можете да направите нешто глупаво денес“.

Ова не се знаци покрај патот, ова се огромни табли кои го покажуваат  „новото нормално“, како што го нарече Мицкоски.  Во тоа ново време сѐ е испревртено и во него изгледа дека само најсилните ќе можат да преживеат. А ние сме меѓу најслабите. Клучното прашање за креаторите на македонската политика е дали тие вистински разбираат што се случува и дали сакаат како своевиден американски „вазал“ Македонија да се приклучи на ЕУ. Тоа така веројатно не ќе може. Во еден момент ќе дојде време за изјаснување. Ние сме Европејци, но  уште не и целосни Европејци. Но, Американци сигурно не сме.

Љупчо Поповски

Извор: dw.mk 

Back to top button
Close