Отворен фестивалот „Пеце Атанасовски“, гран-при за групата „Аманет“

Прилеп, 29 август 2020 (МИА) – Седумдесетина учесници беа дел од синоќешната прва вечер на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој беше отворен во центарот на Прилеп, на камената бина на плоштадот „Александрија“.

Со сите мерки за заштита и за публиката и за учесниците протекна првата фестивалска вечер на 46-ото издание на Фестивалот кој поради пандемијата, наместо во почетокот на јули се одржува на 28 и на 29 август, прво во прилеп, а вечер на Рудина, Долнени.

Според уметничкиот директор Родна Величковска, Фестивалот ги следи сите препораки и протоколи за заштита.

– Годинава имаме преполовен број учесници од досегашните изданија на Фестивалот, токму поради пандемијата. Нљаправивме селекција на досега наградувани групи и учесници, познавајќи како го изведуваат изворниот мелос зашто не можеа да се направат теренски истражувања и селекционарање на пријавените. Групите се релативно мали, немаат контакт со другите додека настапуваат и потоа си заминуваат. Обезбедивме средства и заштитни маски за сите. Нашата цел останува: негување и одржување на богатиот фолклор. Таа обврска ја имаме спрема традиционалните вредности. Задоволство и духовно исполнување беше да се види дека се чува и се негува изворниот мелос и кај помладите генерации, рече Величковска.

За отворен фестивалот го прогласи прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој, меѓу другото, порача да се штитиме себе си, но и да ги зачуваме придобивките од богататата традиција и фолклорот.

-Овој фестивал е единствен во земјава и на Балканот од ваков вид и главна задача му е да ги сочува од исчезнување древните и драгоцените вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворните народни песни. Поради пандемијата, фестивалот годинава се одржува во специјални услови. Меѓутоа, верувам дека тоа нема да го намали квалитетот на оваа исклучително значајна манифестација,  порача Јованоски.

За да се запазат мерките, учесниците добиваат дипломи и признанија за учеството, а гран при наградата е за вокално-инструменталниот состав „Аманет“ од Скопје. Настапија групи и поединци-изведувачи на гајда, кавал, на зурла и тапан од повеќе градови и места од земјава: од Куманово, Неготино, Истибања, од Прилеп, од Чешиново.

Кире Ризоски е гајдаџија од Прилеп. Повеќе од 20 години е со гајдата, а ја има добиено и како награда од Фестивалот кој традиционално на најдобриот изведувач ја доделува „гајдата на Пеце“ што ја обезбедува општина Долнени. Вели има гајдаџии, но имаме и обврска спрема новите генерации.

– Гајдаџиството сѐ уште живее, но ние треба постојано да го поттикнуваме интересот за изворните инструменти. не само што сс наша традиција, туку и наше богатство. А, верувајте, полна е душата кога ќе се чуе звукот на гајдата, кога ќе се разлее насекаде. Како постојано да си дома, вели Ризоски.

Во центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска се одржа и Симпозиум на темас „Фолклорот некогаш и денес“ на кој еминентни етномузиколози ги изнесоа своите истражувања. Беше претставен и зборникот со трудови, втор по ред на темата за фолклорот. Наместо семинар за изучување на народните инструменти, поради пандемијата, фестивалот обезбеди и видео-презентации на етномузиколозите на тема „Традиционалната култура во Прилепско поле“

Вечер од 18 часот на Рудина, Долнени, лулката на Фестивалот и на гајдаџиството, ќе биде втората фестивалска вечер со уште 70-ина изведувачи на изворен мелос од земјава.ем/лв/

Back to top button
Close