Лулзим Алиу поднесе оставка од функцијата заменик-министер за образование и наука

Проф. д-р Лулзим Алиу денеска официјално го заврши својот ангажман како заменик-министер во Министерството за образование и наука.

Тој ја достави својата оставка до претседателот на Владата, г. Христијан Мицкоски, заокружувајќи го овој значаен период од неговата професионална кариера.

Во својата изјава, Алиу упати благодарност до матичната партија Алтернатива и нејзиното раководство — актуелниот претседател Беким Сали, како и претходните претседатели Африм Гаши и Зеќирија Ибрахими — за укажаната доверба по вторпат да ја извршува оваа одговорна функција.

Тој посочува дека оставката доаѓа како одраз на негова лична и професионална анализа, нагласувајќи дека ценел дека во овој период е најсоодветно да го продолжи својот придонес во академското поле.

-Почитуван Претседател на Владата, Со ова писмо сакам да Ве известам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата заменик министер во Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. Мојата оставка доаѓа како одраз на моја лична и професионална анализа, ценејќи дека во овој период е најсоодветно да го продолжам својот придонес во академското поле, во мојата истражувачко-научна работа, како и посветеност кон семејството, вели тој.

Алиу на Владата посакува понатамошни успеси во работата и упатува благодарност за довербата и за можноста што му била укажана да служи на оваа одговорна позиција.

Тој изрази благодарност и до своето семејство и пријателите за нивната континуирана поддршка

Back to top button
Close