Македонско проклетство – Заборавот како национална судбина 

Почитувани читатели, убеден сум дека не сум единствениот кој секојдневно се прашува дали живееме во држава каде владеат правото и правдата за да создаваме иднина за генерациите после нас.

Пишував за така-наречените ,,побегуљи”, нашите високи функционери. Бегалците, плашејќи се од правдата пребегнаа во соседните држави како персона грата. Како слободни граѓани го градат својот авторитет на неприкосновени личности и што е најболно, поддржани од нашите сограѓани.

Пишував и за предавничкиот однос на одредени високи функционери, особено кон нас Македонците коишто денес живеат слободно во нашата татковина, во голем број поддржани од нивните обожaватели.

Криминалот и корупцијата стануваат наше секојдневие, прифатени како реалност. Дали со вакви искривени нечовечки постулати се гради држава? Држава без правда е разбојничка банда! Историја без имиња прави иднина без темели!

Страшливецот ( побегуља) и предавникот стануваат синоним на храброст и лојалност! Нивните симпатизери, не навлегувајќи подлабоко во суштината зошто едниот го третирам како побегуља, а другиот како предавник, не сакаат да ја видат реалната слика. Забораваме. Заборавот ни станува национална судбина, а без вистина нема нација.

Светската мигрантска криза станува дел од нашето секојдневие каде на таа тема се водат тешки полемики помеѓу политичките партии, без оглед што мигрирањето на човекот низ светот постои од памтивек.

Со подигањето на животниот стандард на луѓето, образованието и новите технологии применети во нашето секојдневие, мигрантството стана сериозен проблем во денешниот свет.

Вообичаено најголеми мигрирања имало во време на сериозни воени настани . Светската историја до денес памети две светски војни, а на повидок е можеби нов вид на Трета светска војна, каде мигрирањето е последица.

Нашата држава Македонија, која својата државотворност во континуитет ја одржува полни 81 година, се соочува со истиот проблем.

Бев кум на прославата на Мичуринската Василица во Скопје. Растен сум како скопјанец од Ново маало. Со моите Мичуринци се дружевме и заедно учевме во Основното училиште „11 Октомври„.

Целата населба Мичурин е изградена во 50те години на минатиот век, кога нашите Македонци од Егејскиот дел емигрираа од соседна Грција, поради Граѓанската војна 1947-1948 година, за која цената ја платија токму нашите Македонци.

Тогашната Федеративна комунистичка држава изгради станови и им подари фабрика за преработка на овошје и зеленчук под името „Мичурин”.

Нашите Македонци беа топло пречекани како емигранти од Егејскиот дел. Како држава им дадовме дом и иднина.

Заклучувам дека во тоа едноумие сепак имало систем кој што овозможувал силна поддршка на настраданите Македонци од Егејскиот дел на Грција.

Го поставувам прашањето, кои се тие луѓе кои ја воделе државата во тогашната ФНРЈ и посебно Република Македонија како дел од оваа федерација, толку хумано настроени кон Македонците од Егејскиот дел.

Доаѓам до сознание дека во самостојна Република Македонија, дел од тогашната ФНРЈ подоцна СФРЈ и денес, како независна држава Македонија, имало луѓе кои биле длабоко посветени за изградбата на иднината на нашата држава.

Да, тоа биле комунисти, меѓутоа со јасна визија за мојата македонска посебност со јазик, култура, уметност, традиција и историја.

Кои се тие поединци? За жал, јавноста во Македонија многу малку знае за овие лица, за овие поединци кои ја изградија самостојна Република Македонија. Многумина во јавноста се убедени дека тоа било само желба на Тито да создаде македонска држава.

Бидете убедени дека без силни личности кои го негувале македонизмот и „диктаторот” Тито нема да бил во состојба да ја признае нашата посебност. Колку личности знаеме од тој 45 годишен период на владеењето на т.н. комунисти кои ја граделе македонската држава?

Зошто во предметот историја не се спомнуваат овие ликови? Зошто и денес живееме во времето на големите македонски херои како Гоце Делчев, Даме Груев и Питу Гули, кои споредено со отпишаните Македонци направиле многу помалку за денешната наша Македонија? Се согласувам дека споменатите ликовите од минатото биле идоли и за така-наречените комунисти. Ја почитувале нивната кауза за создавање на македонска посебност. Впрочем и моштите на Гоце Делчев ги донесоа во Скопје во црквата Св.Спас, токму тие комунисти кои денеска историјата ги отпиша.

Нација се гради со личности од неприкосновен авторитет во сите полиња од животот. Жално е што Македонија денеска ја гради својата историја само со личности од 19 и 20 век кои с’е уште ги паметиме од времето на Турската империја, а личности коишто направила силен придонес за нашата македонска посебност се занемаруваат.

Сите ние сме грешни. Само Господ и убавите дела за човештвото се безгрешни.

Разбудете се мои Македонци, разбудете се мои сограѓани! Сите ние заеднички ја градиме нашата Македонија. Дозволете правото и правдата да владеат во државата. Да го осудиме секој виновник во име на општествениот интерес и да го поддржиме секој добродетел кој работи за општо добро. Тоа е единствениот начин да градиме соживот и иднина за сите нас граѓаните на Македонија.

 

 

Back to top button
Close