Производителите на цигари реагираат: Нацрт-законот за пушење е по словенечки модел и не е применлив кај нас
Словенечкиот модел, според кој е изработен нацрт-законот за заштита од пушење, не е применлив во македонските услови, реагира Групацијата за производство на цигари при Здружението на производители на тутун и производи од тутун во рамките на Стопанската комора на Македониja.

Од Групацијата наведуваат дека предложеното законско решение создава правна неусогласеност со постојната регулатива, особено со Законот за тутун, тутунски и сродни производи, и дека претставува чекор назад во веќе воспоставената регулаторна рамка. Како спорно го посочуваат изедначувањето на цигарите и алтернативните тутунски производи, кои, како што велат, веќе се јасно и одделно дефинирани во важечкото законодавство.
Според нив, иако двете земји се кандидати за членство во Европската унија, Македонија има поинаква економска и пазарна структура, при што тутунот претставува стратешка земјоделска култура со значаен удел во буџетските приходи, извозот и вработеноста. Во земјава, како што посочуваат, активно работат две фабрики за производство на тутунски производи кои вработуваат неколку стотини граѓани.
Групацијата предупредува дека предложените забрани ќе имаат сериозно негативно влијание врз малите и средните претпријатија, угостителскиот и малопродажниот сектор, при што може да бидат загрозени над 4.000 малопродажни места, претежно мали и семејни бизниси. Дополнително, се очекува и поттикнување на нелегалната трговија со тутунски производи, што би резултирало со намалени приходи во државниот буџет.
Како дополнителен проблем се наведува и недоволната прецизност во дефинирањето на мерките и нивната примена во пракса, што, според Групацијата, може да доведе до правна несигурност и различни толкувања од страна на инспекциските служби.
Од Групацијата апелираат законот да биде темелно доработен преку сеопфатни консултации со сите засегнати страни, со разумен транзициски период, со цел да се обезбеди заштита на јавното здравје без сериозни економски последици.






