Жерновски- Вашингтон не’ отпиша, Брисел не не’ запишува

Мицкоски повторно погоди!
Откако мораше да смисли некаква изјава по дебаклот со веста дека САД ни ги замрзна иселеничките визи, по 24 часовна изолација одлучи да не’ израдува- “Во деновите кои што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани од нашиот стратешки партнер”.
И, во право беше. Точно по “неколку денови” пристигна абер- Македонија не доби покана да се приклучи на иницијативата наречена „Одбор за мир“ (Board of Peace), новото дипломатско тело што Трамп го промовира како дел од својот мировен план.
И додека Албанија и Косово, кои добија ваква покана, ја зацврстуваат својата позиција на меѓународен план, Македонија со оваа власт се враќа чекор назад – политички, дипломатски и стратешки. Тирана и Приштина не се ставени на листата за имигрантски рестрикции, не се третирани како проблематични партнери и очигледно уживаат поголема доверба во Вашингтон од Скопје.
Македонија, пак, заврши на листата држави со суспендирани имигрантски визи, надвор од сите нови политички и безбедносни формати и целосно игнорирана.
Тоталниот крах на надворешната политика на Мицкоски резултираше со девастирачкиот факт дека денес Македонија не е препознаена ниту како приоритет, ниту како партнер.
Иако на неговата влада и’ беа оставени две здрави и јасни стратешки оски: ЕУ и САД., тој наместо балансирана и одговорна политика, свесно одбра да игра целосно на картата Трамп, уверувајќи ја јавноста дека има „одлични релации“ со новата американска администрација и дека тоа ќе ја компензира стагнацијата во односите со Брисел.
Европската Унија беше свесно маргинализирана. Не затоа што не знаеше колку е важна, туку затоа што патот кон Брисел бара конкретни реформи, владеење на правото и тешки одлуки – нешто што оваа влада не сака и не знае да го направи. Наместо европска агенда, добивме калкулација и бегање од реформи, маскирани со приказната дека „Вашингтон ќе заврши работа“.
Резултатот на таа стратегија пристигна и тој е поразителен.
ЕУ нè отпишува како сериозен кандидат, затоа што реформите стојат. Вашингтон нè не запишува како релевантен партнер, затоа што реториката не заменува кредибилитет.
Македонија денес веќе не е „стратешки партнер”, туку држава што ја нема ни таму каде што денеска тврди дека припаѓа, ни таму каде што вчера заслужено припаѓаше.
Геополитичката коцка заврши со изолација.
Престојат уште потешки денови, но не попусто рекле- вакви густи и темни облаци не можат да се разбијат без бура и невреме.
Андреј Жерновски

Back to top button
Close