Александар Наунов со остра реакција до адвокатката Коцевска: „Вашата емпатија е суровост“

Александар Наунов, родител на Надица Наунова, која го загуби животот во трагедијата во „Пулс“, упати остра јавна реакција до адвокатката Коцевска, отфрлајќи ги нејзините тврдења за наводен напад врз неа и потсетувајќи ја на, како што вели, суровите зборови што ги изрекла во судницата.

Реакцијата на Наунов следува по изјавата на адвокатката, во која таа се пожали дека нејзиниот лик бил злоупотребен на постер за време на маршот за правда. Тој истакнува дека семејствата на жртвите не ја нападнале лично, туку достоинствено бараат правда, оценувајќи ја нејзината реакција како „потценување на интелигенцијата“.

Наунов директно ѝ се обраќа на Коцевска, потсетувајќи ја на делови од судењето кои родителите ги доживеале како особено болни.

„Кога јавно зборувате за ‘сочувство и емпатија’, мора да ве потсетиме на вашите сопствени зборови. На судењето рековте дека обвинетиот требало да одговара за ‘небрежност’, дека ‘немал свест’ за своите обврски и ја изрековте најболната реченица: ‘За вас е тој монструм, за мене е обичен човек’. Тоа не е емпатија. Тоа е суровост!“, пишува Наунов.

Во врска со обвинувањата дека нејзиниот лик бил искористен на постер, Наунов наведува дека многу луѓе можеле да се препознаат во илустрацијата, но дека единствено таа реагирала.

„Ние, семејствата, не ве спомнавме. Не ве нападнавме. Организиравме марш – тивок и достоинствен чин на луѓе кои бараат правда. Не штрајк, како што тврдите. А најмалку повик против адвокатурата“, стои во реакцијата.

Тој додава дека родителите го почитуваат правото на одбрана, но очекувале професионалност и почит кон нивната болка и траума.

Наунов ја обвинува адвокатката дека се обидува да ја релативизира вината на обвинетиот, претставувајќи го како лице без свест за своите постапки, иако, според него, доказите говорат спротивно.

„Се обидувате да прикажете лице кое стои во центарот на нелегален, небезбеден и финансиски нерегулиран објект – лице кое поради профит ги игнорирало сите безбедносни стандарди и го заобиколувало законот преку мито и корупција – како човек што ‘немал свест’. Дали сте свесни колку е тоа сурово за нас, родителите на кои таа вечер децата им беа изгорени, задушени и згмечени?“, прашува Наунов.

Реакцијата завршува со пораката дека семејствата нема да дозволат вистината да се „разводнува со спинови“ и дека нивната борба за правда и одговорност ќе продолжи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close