Видео: Без ден искуство во областа на човековите права се кандидира за членување во Комисијата за заштита од дискриминација

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на кандидатурата на Џихан Ахмед за членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Групата граѓански организации побара од Собранието да не ја именува Ахмед, поради повеќе причини. Една е, како што
велат од Мрежата, дека таа не ги исполнува законските услови.

Како потсетување, за член на Комисијата може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија; да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и да има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија“, велат оттаму.

Како потврда на спорноста кандидатката да биде член од КСЗД, Мрежата ја споделува јавно достапната професионална биографија на кандидатката, како и снимка од нејзиното претставување во Собранието.

„Од биографијата на кандидатката, може да се увиди дека таа работела во приватна фирма, како асистент на Европскиот универзитет и како професор во средно училиште. Следствено, кандидатката нема ниту една година работно искуство од областа на човековите права, а особено во областа на еднаквост и недискриминација. Дополнително, од нејзината биографија, може да се воочи дека кандидатката учествувала на конференции и семинари посветени исклучиво на корпоративната безбедност, и нема посветено ниту еден ден на обуки, семинари и/или конференции во областа на недискриминација. Во истата насока, во својата биографија, кандидатката ги има посочено сертификатите од следните обуки: „Каква работа посакувам, на каква – се надевам”, „Македонија во НАТО” и „Жената во современото општество”. Со оглед на состојбата со дискриминација во земјата и наодите од извештајот на ЕК за Македонија за 2025 година во делот за недискриминација, се вели во реакцијата.

„Мрежата ја оценува номинацијата на кандидатката Џихан Ахмед како несериозна и понижувачка за сите граѓани на државата. Во време кога постојано се зборува за партизација на институциите, Собранието одлучува да именува некомпетентни лица во институција која треба да ги заштитува најранливите категории на граѓани“, пишува во соопштението.

„Мрежата бара од Собранието да не ја избере кандидатката бидејќи не ги исполнува законските услови, предвидени во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Истовремено, Мрежата апелира Собранието да ја сфати сериозно својата улога во Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права и да го гарантира напредокот на земјата во полето на недискриминацијата, почнувајќи од изборот на компетентни лица во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, се наведува во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.

 

 

Back to top button
Close