Трендафилов: Платите лани не мрднаа, а инфлацијата е меѓу највисоките во регионот

Платите лани не се зголемија, а инфлацијата во Македонија остана висока. Изговорот зад кој се крие Владата не држи вода, смета претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, во врска со барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра.
Прашан дали зголемувањето на минималната плата може да доведе до зголемување на инфлацијата, а со тоа да нема ефект ниту самото зголемување, Трендафилов во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 одговара:
„Тоа е најголемиот изговор на Владата и на работодавачите, но еве да потсетам: минатата година платите не мрднаа, а имаме една од највисоките инфлации во регионот. Додека во регионот платите на работниците се зголемија поради добрата волја на тамошните влади. Таму владите видоа дека тешко живеат работниците и дека тешко се справуваат со растечките трошоци на живот“.
Тој рече дека во соседните земји зголемувањето на платите не довело до инфлаторен бран, што отвора прашање дали во Македонија ценовната политика се води од алчност, а не од економска нужност.
„Е па, ако во државите во регионот еве од почетокот на оваа година не е дополнителен притисок за зголемување на инфлацијата, тогаш значи дека газдите во Македонија се прилично алчни“,изјави Трендафилов.
Претседателот на ССМ наведува конкретни примери со цените на горивата, транспортните услуги и основните прехранбени производи, укажувајќи дека кога суровините поскапуваат, цените веднаш растат, но кога поевтинуваат – тоа не се рефлектира врз крајните цени за потрошувачите.
Во однос на дијалогот со Владата, Трендафилов оценува дека пристапот на извршната власт, со префрлање на одговорноста врз синдикатите и работодавачите, е несериозен.
„Владата на Економско-социјалниот совет можеше да седне со претставниците на работниците и да рече: Кажете како да се зголемат платите на функционерите, на пример. И дали треба оваа година просечната плата кога ќе се зголеми 10 проценти, функционерските плати да се зголемат 10 проценти, или во нето-износ некаде околу 200 до 300 евра по функционер, имајќи предвид дека од 100 000 па до 180 000 денари се најчесто функционерските плати во Македонија. Зошто Владата не рече по однос на тоа прашање: Еве, ние сме солидарни со работниците, ќе ги намалиме платите за 78 проценти, а разликата што ја примаме моментално, ќе ја поделиме и ќе ја споделиме и со капиталот и со работниците“,праша Трендафилов.
Тој открива дека минатата година постоела конкретна понуда од страна на работодавачите, кои биле подготвени да прифатат зголемување на минималната плата на 500 евра, доколку Владата ги покрие придонесите за зголемувањето.
Според неговата пресметка, со ваков модел, околу 200 илјади работници со плата под 30 000 денари би добиле зголемување од околу 6 000 денари, а државата сега (по истекот на периодот на владина поддршка за придонесите) би инкасирала дополнителни 10 милиони евра месечно во фондовите, односно околу 120 милиони евра годишно.
Наместо тоа, вели Трендафилов, синдикатите биле маргинализирани, а нивната репрезентативност доведувана во прашање.
Според Трендафилов, најголемиот двигател на инфлацијата не се платите, туку јавната потрошувачка и отсуството на соодветни фискални и монетарни мерки.
„И уште нешто: имаше дебата пред два месеца за цената на јајцата, колку пораснала и дали граѓаните можеле да купат табла јајца или сега можеле да купат половина? Зошто? Затоа што работодавачите, па дури и Владата излегоа на прес-конференции и кажуваа дека цената на суровината на сојата на светските берзи се зголемила денес и затоа од денес во Македонија цената на јајцата се зголеми за 30, 40 и 50 проценти, но да не заборавиме – суровините ги набавија на почетокот на минатата година кога беа најевтини“,вели Трендафилов во интервјуто за „360 степени“.
Тој смета дека аргументот за инфлација како последица од раст на платите е, како што вели самиот, конструкција која не се темели на реалните економски движења, туку служи како оправдување да не се зголемат примањата на работниците.





