Ревизија во Охрид: Не се наплаќале побарувањата од ЈП и даночните обврзници, се делеле субвенции без програма и согласност!

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид, за 2024 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет (630) и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за сметката на основен буџет (637).

Општина Охрид нема искажано побарувања по основ на надоместок за одржување на јавна чистота, а ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќа овие средства во општинскиот буџет. За 2024 година, по овој основ јавното претпријатие прикажало обврски од 22.880 илјади денари, а општината има поднесено тужби за 2021, 2022 и 2023 година во износ од 53.831 илјада денари.

Исто така, не се искажани побарувања за комунална такса за користење на простор за паркирање на моторни возила на територијата на општината. Јавното претпријатие кое стопанисува со паркинзите на подрачјето на општината ЈП “Билјанини извори” Охрид со години ја нема уплатено комуналната такса, чија што обврска според евиденцијата на претпријатието, изнесува 3.901 илјада денари.

Без Одлука од Советот на општината, извршен е отпис на побарувања од буџетски корисници во износ од 534 илјади денари за фактурирани комунални трошоци во период од 2017-2020 година)и отпис на 4.832 илјади денари, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица.

Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, a за данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок не се пресметува и наплатува камата.

Надоместокот за уредување на градежното земјиште се пресметува по Одлуки од 1997, 1999 и 2011 година, во кои е утврден процентот на висината на надоместокот по зони од просечна градежна вредност по 1 м2 за нето површина во износ од 17 илјади денари, а зоните не се ажурирани според степенот на уреденост, што влијае на остварените приходи и средствата потребни за уредување на земјиштето.

За 11 населени места/села Советот на општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план вон населено место, а за 9 населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите сеуште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.

Во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти кој е на одложено плаќање (12 еднакви месечни рати), така што издадени се решенија со само една извршена уплата. Иако, Советот има донесено 1.748 одлуки за утврдување на потребата од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, во рок од пет години, по истите не е постапено.

За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети иако овластените градежни инспектори за период од 2019 – 2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со „Планот за заштита на културно наследство“ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот.

Не е донесен урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 m, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.

Во текот на 2024 година, 23 угостителски објекти користат јавна прометна површина без издадено одобрение за поставување на урбана опрема и уплатена комунална такса за користење на просторот, а издадените одобренија иако се однесуваат за период од 3 месеци, се користат за 12 месеци.

Поставената урбана опрема, (натстрешници кои се градежно прицврстени на јавната површина со фиксна конструкција, челични столбови, затворен простор со стаклена преграда) не претставува лесно монтажен-демонтажен елемент и ја нарушува основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот.

За вршење на угостителска дејност надвор од деловниот објект на простор наменет за давање угостителски услуги, не се издадени одобренија од страна на градоначалникот на општината, согласно Законот за угостителска дејност.

Општината не остварува приходи по основ на комунална такса за користење на површини во кампови, подигање шатори и друга слична употреба, иако на територијата на Општина Охрид регистрирани се 6 авто кампови.

Врз основа на спогодба од 2023 година, извршена е експропријација на градежно земјиште во КО Велгошти, сопственост на правно лице, кое земјиште согласно ГУП е наменето за градење на објекти за општа употреба/гробишта, а како надомест за експроприраното земјиште се дава градежно земјиште во државна сопственост со намена хотелски комплекс. Согласно извршената проценка од страна на овластен проценител експроприраното градежно земјите е проценето во вредност од 3.315 илјади денари, додека земјиштето кое се дава како надомест на 2.622 илјади денари, а за разликата од 693 илјади денари. понудена е друга недвижност за која сеуште постапката е во тек. Со оглед дека се предлага надоместок за експроприрана недвижност на друго државно земјиште предметот е доставен и до државното правобранителство на РСМ кое укажува да се запазат одредбите од Законот за води кои се однесуваат на земјиште кое не смеело да биде предмет на правниот промет, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на крајбрежниот појас на Охридското езеро.

За капиталните вложувања во водоводната, канализационата мрежа и атмосферска канализација, како и доградбата на општинската зграда не е запишано правото на сопственост иако објектите подолго време се користат. Објектите за кои со одлуки од 2005 година се пренесени основачките права и обврски како и правото на сопственост врз основните, средните училишта и една детска градинка се запишани во сопственост на единките корисници, без одлука на советот на општината.

За изградба на општинските патишта, пречистителни станици и линиски инфраструктурни проекти кои согласно Законот за градење спаѓаат во втора категорија нa градби, не е обезбедено одобрение за градење, градежните активности се изведуваат без изготвен проект и проектна документација, а техничките спецификации/премер пресметки се изработени од страна на надлежните служби. По овој основ во текот 2024 година исплатени се вкупно 49.431 илјади денари.

Реализацијата на програмските активности од областа на културата е без објавен јавен повик или објава на веб страната на општината и без претходно утврдени јасни критериуми и услови за распределба и користење на средствата. Од друга страна, на спортските клубови и спортски здруженија кои не аплицирале на јавен повик доделени се 37.400 илјади денари, (59%) од вкупните средства на Програмата.

Од страна на општината исплатени се субвенции за јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 илјади денари односно 592 илјади евра, без претходно обезбедена согласност од Советот и донесена Програма за субвенционирање. Средства се наменети за сервисирање на доспеани обврски, односно тековно оперативните трошоци и инвестициони вложувања, а исплатите се вршени по некомплетни барања и документација за извршениот обем на активности од годишниот план за работа на јавните претпријатија.

Општината нема воспоставена материјална и сметководствена евиденција на приемот и издавањето на материјалите, обврските не се евидентираат навремено, а пописот на средствата и обврските не е извршен на начин предвиден во законските и подзаконските прописи.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

Back to top button
Close