Николоски: Одлични вести од Брисел, возачите се прифатени како професионалци
Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, информира предмалку на Фејсбук вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!“напиша Николоски и го објави, како што посочи, најзначајниот дел од нацрт Стратегијата за визи.
Во делот од најавената Стратегија што го објави Николоски, а кој се однесува на „Намалување на сложеноста“, се посочува:
„Во моментов, законодавството на ЕУ дозволува престој во Шенген-зоната до 90 дена во период од 180 дена за патници кои не бараат виза и за оние на кои им е потребна виза. Секој престој подолг од 90 дена бара долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја-членка. Сепак, некои професионалци од трети земји кои во голема мера зависат од мобилност меѓу земјите-членки – како уметници на турнеи, спортисти кои учествуваат на спортски настани, експерти што работат на прекугранични проекти, работна сила што ги поддржува индустриите и услугите во ЕУ или возачи на камиони што опслужуваат бизниси во ЕУ – можеби ќе имаат потреба од пристап до различни земји-членки повеќе од 90 дена во период од 180 дена, без да им е потребна долгорочна виза или престој во ЕУ. Ова создава комплексен систем, кој дополнително се усложнува поради постоењето на билатерални договори склучени од некои земји-членки пред стапувањето во сила на Шенгенскиот правен систем (acquis). Овие договори им дозволуваат на државјани од одредени трети земји да престојуваат подолго од 90 дена, но само на територијата на конкретната земја-членка, со што се поткопува унифицираната примена на Шенгенскиот правен систем“.
Во нацртот се додава дека Европската комисија тесно ќе соработува со земјите-членки за да идентификува практични решенија за овозможување продолжени краткорочни престои за избрани категории државјани од трети земји, обезбедувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците.
„Овие размислувања исто така ќе ја разгледаат можноста за воведување ново законодавство со специфичен сет на правила за продолжен краткорочен престој на ниво на ЕУ. Во овој контекст, Комисијата ќе го преиспита влијанието на постојните билатерални договори кои дозволуваат продолжени престои, со цел постепено да ги укине“се наведува во документот.
Транспортните превозници од Западен Балкан пред четири дена поставија камиони на граничните премини кон земјите од Шенген-зоната, барајќи Европската Унија (ЕУ) да го измени правилото за електронска евиденција за престој на превозниците во зоната.
Протестот е против примената на системот за престој во Шенген-зоната и правилото 90/180 дена, кое, според камионските превозници, ја парализира нивната работа.
Камионските превозници се револтирани од правилата на ЕЕС бидејќи, според нив, тие се третираат како туристи и дозволен им е престој во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.






