Дефицитот на македонската надворешна политика

Денко Малески

(Скица за научна анализа изготвена со помош на вештачка интелигенција)

Во текст објавен во 1943, Волтер Липман, познатиот американски либерален мислител од школата на реалистите, пишува за нешто што тој го нарекува надворешно-политички дефицит на една држава. Разбирливо, неговиот фокус е на надворешната политика на Америка, чии носители ги предупредува дека доколку нивните дипломатски ветувања, безбедносни гаранции, сојузи и амбиции ги надминат воените, економските, политичките и општествените капацитети државата ќе се соочи со надворешно-политики дефицит. Тогаш, голема сила која претерано се раширила низ светот, губи кредибилитет, принудена е на понижувачки компромиси и повлекувања и, како компензација за својата слабост, почнува невнимателно да ја употребува својата воена моќ.

Бидејќи ние сме друга категорија држави, со помош на вештачката интелигенција, го свртувам вашето внимание на надворешно-политичкиот дефицит кај малите држави. Тој дефицит настанува кога нивните надворешни обврски, амбиции или сојузи ги надминуваат нивните ограничени ресурси – воени, економски, дипломатски и опшетствени. Како што знаеме на примерот на сопствената земја, малите држави имаат симболични воени сили, ограничена економска база и зависни се од надворешни финансии, трговија и енергија. За својата безбедност, малите држави се потпираат на сојузи и колективната безбедност. Иако интересите на големите сили осцилираат и се во промена, малите држави сметаат дека гаранциите на големите се автоматски и трајни. Понекогаш, само затоа што се дел од безбедносен сојуз, малите држави реторички се однесуваат со ароганцијата на големите сили. По правило, малите држави имаат нормативнен поглед на светот и се повикуваат на моралните вредности кои, тврдат нивните политичари, ги застапуваат. Ваквата политика создава дефицит кога моралните и нормативните постапки ќе предизвикаат одмазда од друга држава или сојуз, која тие не можат да ја одвратат или да ја издржат. Дефицит настанува и кога политичките елити ветуваат меѓународно поведение кое домашното општество не е во состојба да го издржи, што доведува до губење на кредибилитет кај народот и до нарушување на кохезијата на општеството.

Нашата држава, Република Северна Македонија, вели вештачката интелигенција, е класичен пример на мала држава, воено и економски слаба,со надворешна зависност за безбедност, трговија и инвестиции, лоцирана на проблематичниот Балкан, во зона на ривалиет меѓу големите сили, распната меѓу политиките на САД и на ЕУ. Кај таквите држави маргината за грешка во надворешната политика е екстремно тесна. Земјата е вовлечена во долгогодишни расправии за името, историјата, јазикот и идентиттот, теми кои, во отсутво на моќ на државата да наметне решенија, стануваат егзистенционални. Но, посветеноста на суверенитетот и достоинството, во отсуство на моќ, создава постојан надворешно-политички дефицит. Во отсутво на сила политиката на Северна Македонија се потпира врз елемнти на политиката кои се ефективни само кога моќта стои зад нив: меѓународното право, „Западните норми“ и „фер поведението“ на државите. Всушност, безбедносниот дефицит на државата е платен со жртвување на „името“ за да опстане државата. Преспанскиот договор ја признава оваа асиметрија на моќ и се определува за опстанок и стабилност на сметка на пресиж и гордост. Според логиката на Липман, тоа е направено како начин земјата да се справи со дефицитот на моќ на една мала држава во меѓународната политика.

Базичната дилема на македонската надворешна политика е постојаната тензија помеѓу симболичниот суверенитет (идентитет, историја, достоинство) и материјалниот опстанок (безбедност, просперит, интеграција). Волтер Липман мисли дека политиката на симболи (во нашиов случај:име,знаме, историја, идентитет…) станува опасна по државата кога не е поткрепена со моќ. Стратешките лекции на Липман за Македонија би биле:

1. Одбегнување на конфронтација околу симболи

2. Јасно раздвојување меѓу она што е морално праведно и она што е стратешки можно. Најбезбедниот надворешно-политички курс за една мала држава не е само правда, туку правда во рамките ограничената моќ.

Back to top button
Close