Светот од катастрофа до жив хаос!

„Се плашам дека на денот кога технологијата ќе ги преиначи односите, светот ќе добие генерации идиоти!“ – кажа Ајнштајн

Мерсел Биљали

Носачот на авиони „Абрахам Линколн“ веќе пристигна во водите во близина на Иран! Како што тензиите меѓу САД и Иран се зголемуваат, кинеските сателитски снимки ја разоткриваат позицијата на Пентагон за пеколна војна во Заливот. Во војна, нормалноста е првата жртва. Сателитските снимки откриваат брзо распоредување на американски сили, батерии „Патриот“, танкери, ловци и воени бродови што го опкружуваат Иран. Извештаите од Пекинг тврдат дека Вашингтон сака мир ама со војна.

Снимките сега се јавни, претворајќи ги некогаш скриените бази во цели со отворен код и поставувајќи застрашувачко прашање: дали челичниот прстен на Трамп ќе се претвори во стрелачки строј врз светскиот мир? И тоа во најлошиот можен момент!

Сателитските податоци покажуваат зголемување на бројот на танкери KC-135 во базата Ал Удеид во Катар, но и на нови системи „Патриот“ во таа база и во Кувајт. Таму се стасани и бројни модерни разурнувачи, а и бројни авиони за ометање на противничка комуникација и парализирање на противнички радари. Тука се и тешките бомбардери Б-2 и Б-52, и бројни силни разурнувачи. Шестана флота е во Средоземно море, а петата флота е вратена од истокот и сега е на Арапското море.

Израел силно притиска за да се почне со масoвни удари врз стратешки цели на Иран, но, на американците изгледа не им се брза. Тие очекуваат поддршка од внатрешното незадоволно население во Иран (првенствено од Азери, Курди, Белуџи, кои заедно чинат околу 45 отсто од севкупното население во државата). Знаат дека без нивна помош не е можно да се урива режимот на ајатоласите. Но, Иран е природна тврдина поради планините, па затоа пет века е неусвојив. Само во кординација со бројни внатрешни и надворешни фактори целта може да се постигне. А во Турција постои голем страв да не се повтори тоа со Сирија пред неколку години кога таа држава требаше да згрижи повеќе милиони бегалци. Башка што сега такви ќе се бројни Курди, што за Турција би биле и голем политички проблем.

За да се урне режимот на Техеран, според сите параматри, освен внатрешна поддршка од дел од иранското население, на американците ќе им биде потребно околу милион војници за таков ангажман, што воопшто не е лесно тоа логистички да се издржува. Башка што сега после многу убивства во редовите на демострантите, домашната поддршка е во знак прашалник, оти владее страв по масовни убивства на демостранти. Иранскиот режим веќе стана огледало каде што многумина ја гледаат сопствената грдотија, ама стравот од репресијата го задуши бунтот.

Тука има уште еден друг голем проблем, а тоа е покачувањето на цената на нафтата во светскиот пазар. Да не заборавиме дека над 35 отсто од нафтеното транспортирање поминува низ Ормузски теснец и Омански залив. Со првиот истрел, тука транспортот целосно би запирал, и цената на нафтата би сокнала до небо, па постојната светска криза бе се претворила во светски хаос.

Турција притиска да се даде шанси на преговорите, заливските држави се поделени околу количината на стравот. Кувајт, Катар, Оман, Емирати, Бахреин стравуваат од иранските ракети. Сирија стравува оти таму мирот е многу кревок. Ирак има проблем со шиитско население. А Европа оправдано се плаши од голем бран бегалци, затоа што знае дека само една капка отров може да отруе цела море од рационалност.

Трамп претендира да се урива иранската теократска власт на ајатоласите, но, по насилното задушување на побуната во Иран, таа можност е многу мала. Тоа не може да се случи без организирана внатрешна поддршка. Оттука, САД како минимална цена би претендирале на укинување на нуклеарната програма на Иран со ефикасна меѓународна контрола.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во неделата наговести за можен пробив, велејќи дека е можен „фер и чесен“ договор што ќе обезбеди Исламската Република да не се здобие со нуклеарно оружје – свесно ехо на фразата на американскиот претседател Доналд Трамп. Некои во Иран, исто така, сугерираа дека потенцијалниот договор би вклучувал иранските залихи од високо збогатен ураниум – наводно закопан под земја по американските напади минатиот јуни – да бидат префрлени во друга земја.

 

Бегалска криза!

Освен сериозни широки безбедносни ризици во однос на околните држави, во услови на масовни напади на САД, бегалскта криза би ја тресла Турција, Балканот и цела Европа. Владата на иранскиот реформистички претседател Масуд Пезешкијан ги објави имињата и националните идентификациски броеви на 2.985 лица убиени низ целата земја. Медиумите блиски до власта ги истакнаа имињата на насловните страници, претставувајќи ја објавата како доказ за „храбрата транспарентност“ на владата.

Сепак, организациите за човекови права и активистите ја обвинуваат Исламската Република Иран дека се обидува да „ја преземе контролата врз наративот“ и значително да го намали вистинскиот обем на страдањето. „Нашата проценка, врз основа на исказите на очевидци и точните податоци, сугерира дека бројките споменати во медиумите – како 20.000 или 30.000 – не изгледаат нереални“, рече Амири-Могадам – надлежен за човекови права во Иран (IHR) со седиште во Осло.

Како и да е, добро менаџираните напади на САД врз Иран, може да ја доведат доведат ова држава до целосно пресвртување на неговиот регионален идентитет, вклучително и крај на непријателството кон Израел, отфрлувејќи ја нуклеарната програма и напуштање на неговите досегашни регионални сојузници. Но, тврдоглавите ајатоласи сè уште не знаат дали е подобро да се изгуби вистинскиот пат или да се најде погрешниот пат!

 

Од што се плаши Трамп?!

Извештаите на американските медиуми велат дека Трамп разгледува низа воени опции против Иран – од воздушна кампања што би можела да трае со недели или месеци до скромни и во голема мера симболични напади насочени кон иранските безбедносни сили. Се вели дека се разгледуваат и невоени опции, вклучително и дополнителни економски санкции.

„Цената е непредвидлива – одмазда против американските сојузници и напади врз бродови во Персискиот Залив. Регионалните партнери не сакаат да ја платат таа цена.“ Бројни аналитичари тврдат дека заканата со „регионална војна“ останува главен преговарачки адут на Техеран. Со прикажување на конфликтот како егзистенцијална катастрофа што ќе го зафати целиот Блиски Исток, Техеран успешно изврши притисок врз регионалните медијатори како Катар и Турција да интервенираат.

Дури и ако се постигне рамковен договор во Анкара, тој може да послужи само како привремено олеснување, да купи време, но не може да го реши масовното акумулирање на бројни социјални барања и внатрешното незадоволство што моментално тлее во Иран.

Евентуалниот неуспех на Трамп неминовно ќе се рефлектира на овогодишни есенски делумни избори за Конгрес во САД. Ако тоа се случи, тогаш политиката на Трамп би останала на патерици, а со тое и сите негови проекти и желби. Тоа е како Дамоклов меч што виси врз визијата и судбината на Трамп. Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГК) ги гледаат преговорите како „измамничка игра“ и „смртоносен отров“. Тие штом ќе видат светло во тунелот, веднаш одат да го скршат.

Back to top button
Close