Од затворот во Скопје се координира влијание врз сведоци во случајот „Пулс“, тоа го прави братот на газдата преку Вибер, тврди мајката на загинатиот Томас
Пред почетокот на денешното рочиште за случајот „Пулс“, родителите на загинатите јавно изнесуваат сериозни обвинувања за можни притисоци врз сведоци на Обвинителството.

Јулија Златкова, мајка на Томас Златков кој загина кобната ноќ во „Пулс“, изјавува дека имаат сознанија оти лицето Ј.Ј., кое се наоѓа на издржување мерка притвор во затворот во Скопје, му давало мобилен телефон на користење на Тодор Јованов, брат на обвинетиот, преку кој, според нејзините тврдења, се вршел притисок врз сведоци преку Вибер-комуникација.
Таа јавно ги повикува надлежните институции да ја проверат оваа информација и детално да ги испитаат сите комуникации остварени преку наведениот телефон.
Златкова нагласува дека трагедијата во „Пулс“ претставува, како што вели, „геноцид на една млада генерација“, настанат поради алчност, корупција и несовесно работење, и додава дека, и покрај трагедијата, продолжуваат обиди за прикривање и влијание врз постапката.
„Ние, родителите на овие млади убиени деца, нема да дозволиме вистината да остане затскриена. Вистината мора да излезе на виделина. Правда мора да има за нашите убиени деца“, порачува Златкова пред почетокот на судското рочиште објави Скопје1.мк






