За мостовите преку балканските национализми

Денко Малески
Каква ќе биде нашата судбина без „помирителот“Америка? Ова е прашање кое што си го поставуваат сите во Европа, а нас, на Балканот, треба посебно да не замисли. Имено, во униполарниот момент на светската политика, кој е зад нас, со воени и дипломатски интервенции на единствената голема сила во светот, беа изградени редица мостови на соработка меѓу завојуваните балкански народи. Само во Македонија, три: Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Неприфатен од мнозинството на двата народи, во еден текст, го опшишав Преспанскиот договор како „мост изграден преку двата национализма, македонскиот и грчкиот“. Сега, ова ми звучи малку поетски и, во светлината на подемот на националистичката десница кај нас, во Европа и во Америка, ме замислува над издржливоста на таквите мостови градени без народен ентузијазам од двете страни на границата.И, се разбира, на потребата актуелните политичари да работат на нивното зацврстување.
Мерено со исти аршини, би можело да се рече дека сличен мост на соработка преку македонскиот и албанскиот национализам беше конструиран со Охридскиот договор, од страна на НАТО. Американскиот „помирител“ го наметна и тоа. И покрај очигледните придобивки изразени во мирот меѓу Македонците и Албанците кој трае веќе цели 25 години, сепак не постои заедничка интерпретација за корените на војната од 2001. Вреди да вложиме напори и таа тема да ја апсолвираме.
Деталите околу изготвувањето на двата договори, Охридскиот и Преспанскиот, се познати и од сведоштвата на нивните пишувачи. Третиот мост на соработка, кој, и покрај потпишаниот договор, сеуште не е вистински пуштен во употреба, е оној за добрососедство и соработка со Бугарија.Чудно е тоа што, иако предмет на толку контоверзи, малку се знае за процесот на создавање на овој договор. Како се нашол на преговарачката маса,кој учествувал во неговото пишување, која е улогата на меѓународниот фактор, кој што предложил од двете страни на преговарачката маса, и, најважното, кој е авторот на, она што сегашнава власт во Скопје го смета за камен на сопнување во односите меѓу двете држави – заедничката историја.
И уште еднаш: што ќе се случи со овие мостови по повлекувањето на Америка од Европа и драматичната промена на американската надворешна политика? Допрва ќе видиме. Но едно, ми се чини извесно: без либералниот хегемон Америка и во отсуство на пристапни преговори со ЕУ, веќе е изместен внатрешниот политички баланс во Македонија во полза на националистите. Дефицитот кај гласачите кој си го создадоа социјалдемократите при градењето , заедно со Западот, на мостовите преку балканските национализми, но и преку македонскиот, кон Албанците и кон Грците, ги чинеше изборен пораз. По правило, превземање на власт ги прави политичарите поодговорни. Новите политичари не се веќе само претставници на својата идеологија или избирачи туку на државата во целина. Тоа, нужно ја прави нивната политика поумерена. Згора на тоа, додека во опозиција можеш да ветиш било што, на власт одлуките имаат конкретна цена. Цената наречена мир и безбедност за државата е преголема за радикални експерименти со веќе изграденото.






