Како се родил терминот „банана држава“

Од овошни плантажи до политичка реторика: терминот „банана република“ еволуирал низ историјата – од насилното минато до општ опис на пропаднати држави.

Овој израз прв го воведе американскиот писател О. Хенри (вистинско име Вилијам Сидни Портер), кој во 1896 година избегал во Хондурас за да се сокрие од обвиненија за проневера покренати од една банка во Тексас.

Потеклото на терминот и улогата на Јунајтед фрут

Во приморскиот град Трухиљо, Портер одблиску видел како американската компанија Јунајтед фрут (United Fruit) доминира во железничкиот сообраќај и пристаништата, а воедно ужива и големо политичко влијание. Тоа го инспирирало да го напише романот „Зелка и кралеви“ (1904), чија дејство се одвива во измислената република Анчурија – „мала, приморска банана република“ чија влада работи во интерес на силна странска корпорација.

„Од тогаш, терминот во САД се користи како синоним за корумпирана, распадната држава“, објаснува Карлос Дада, коосновач и директор на информативниот портал од Салвадор Ел Фаро. Тој со години известува за моќта, корупцијата и криминалот во Централна Америка.

Повеќе од компанија за овошје

Дада потсетува дека првичните „банана републики“ биле четирите централноамерикански држави: Хондурас, Гватемала, Никарагва и Костарика. Таму компаниите Јунајтед фрут и Стандард фрут (Standard Fruit)- денешните Chiquita и Dole- контролирале огромни земјоделски површини, но и целокупниот политички систем.

Контрола на квалитетот на бананите од работник на Јунајтед фрут во Хондурас. септември 1954
Контрола на квалитетот на бананите од работник на Јунајтед фрут во ХондурасФотографија: AP Photo/picture alliance

Со поддршка од Вашингтон, корпорациите поставувале лојални влади, а вршеле притисок или учествувале во соборување на лидери што им се спротивставувале.

„Банана републиките се најблиску што САД некогаш биле до колонијална сила – но без одговорностите што колонизаторите ги имале на други места“, наведува Дада во еден есеј за ДВ.

Гватемала: пример од учебник

Најозлогласениот случај е Гватемала, каде демократски избраниот претседател Хакобо Арбенз се обиде да го прераспредели неискористеното земјиште на плантажите. Тоа директно ги загрози интересите на Јунајтед фрут, која во тој период контролирала огромни земјоделски површини во земјата.

Во јуни 1954 година, Арбенз беше соборен во државен удар организиран од ЦИА, со цел да се заштитат профитите на компанијата. Него го замени брутален воен режим поддржан од САД.

Мексиканскиот муралист Диего Ривера го овековечи овој настан во делото „Славната победа“, каде ги прикажува Јунајтед фрут, ЦИА и американските функционери како главни актери во соборувањето на Арбенз.

Колонијално насилство – тогаш и денес

Системот на банана републиките однел бројни човечки животи. Протестите на работниците на плантажите често завршувале со крвави репресии. Најпознат е масакрот во Колумбија во 1928 година, кога војската стрелала врз штрајкувачите од Јунајтед фрут, кои барале подобри плати и услови. Меѓу жртвите имало и жени и деца.

Добитникот на Нобеловата награда Габриел Гарсија Маркес подоцна го внесе овој настан во романот „Сто години самотија“ (1967).

Историчарката Авива Чомски тврди дека колонијалното насилство не е само минато. Таа упатува на современи примери – од Газа, преку Венецуела, до Минесота во САД – каде, како што вели, и денес се користи истата реторика: обвинување на жртвите, прогласување за закана и оправдување на репресија.

Дали и САД се „банана република“?

Терминот беше повторно актуелизиран во САД по нападот врз Капитол на 6 јануари 2021. Но Чомски смета дека таквите споредби го игнорираат коренот на проблемот.

Претседателот на Гватемала Јакобо Арбенс Гузман. март 1951
Реформата на претседателот на Гватемала Хакобо Арбенс Гузман ги загрози интересите на Јунајтед фрутФотографија: picture-alliance/AP Photo

Таа и САД ги опишува како банана република, бидејќи, како што вели, моделот на експлоатација на работници/робови на плантажи е „подеднакво извор на историјата на САД, колку и на историјата на Хондурас“.

Авива Чомски укажува и дека во САД нерадо се говори за долгата историја на поддршка на државни удари низ Латинска Америка и на други места. Таа го илустрира тоа и со виц што кружел низ Латинска Америка по настаните на Капитол:

„Зошто никогаш нема државен удар во САД? Затоа што таму нема американска амбасада.“

Пежоративен или описен термин?

Лингвистката Ен Карзан објаснува дека изразот со текот на времето го променил значењето. Денес покрај историските примери, често се користи и за држави со нестабилност, воена власт, диктатори или висока корупција – иако немаат историја на извоз на банани или странска корпоративна контрола.

Токму затоа терминот денес е двосмислен: најчесто е навредлив, но не секогаш.

Чомски додава:

„Ако терминот сугерира дека некој народ е ’природно’ корумпиран, тогаш е расистички. Но ако опишува историски односи на експлоатација, тогаш е корисен.“

Таа потсетува дека сиромаштијата и насилството во Централна Америка често се третираат како „вродени“, наместо како резултат на децении странски интервенции.

Иако изразот се проширил и на германски, француски, шпански и други јазици, во Латинска Америка никој посебно не се занимава со политичката коректност околу него. Таму поважно е да се зборува за реалната историја која го поткопала суверенитетот на тие држави.

„Не смееме да се преправаме дека сите земји се движат низ светот како топчиња на билјарска маса под исти услови“, заклучува Чомски.(dw)

Back to top button
Close