Македонската економија и помага на американската
Денко Малески
Нашата влада зборува за историски договор за трговија помеѓу Америка и Македонија, а мене мислите ме влечaт на друга страна. На кое ли дереџе падна американската економија за да мора да се брани со тарифи од македонската, се прашувам зачудено. Тоа е тема за економистите. За истражувачите на меѓународната политика ова што се случува со Америка веќе се случило со другите големи сили во минатото.
Во својата влијателна книга „Подемот и падот на големите сили“ објавена во осумдесеттите, Пол Кенеди ја образложува својата основна теза, дека статусот на светски хегемон е производ на балансот помеѓу економската моќ и воените ангажмани на големаата сила. Кога воените амбиции ја надминуваат економската база на големата сила доаѓа до она што тој го нарекува „иперијално прерастегнување“ (imperial overstretch).

Ова што сега и се случува на Америка, како последица на овој дисбаланс помеѓу економската моќ и воените ангажмани изминативе децении, на неколку земји во минатото им се има случено и тие го имаат загубено статусот на светски хегемон: Шпанија во 16 и 17век, Франција под Луи 14 и Наполеаон, Велика Британија после двете светски војни.
Америка се наметнува како светски хегемон на почетокот од дваесеттиот век. Практично без воени ангажмани, ако не се смета кусата војна со Шпанија, на крајот на 19 век, после која Америка ги освојува Филипините во битка во која имало само една жртва: морнар кој починал од последици на сончаница, моќната американска економија избива од границите на државата и го поплавува светот со свои производи и финансии. „Политика на отворени врати“(Open door policy) е насловена новата економска политика на растечката голема сила со која една вибрантна економија ги руши бариерите на колонијалните царства какви што биле Шпанија, Велика Британија, Франција или Холандија и ги освојува светските пазари. Дебатата која што, тие години,се води во Америка е дека со помош на трговијата и на финансиите, американската економија ќе завладее со светските богатства без, притоа, да го носи на своите плеќи товарот на колонизирање други наеоди. Победничка во две светски војни од кои излегува економски уште побогата, Америка супериорно се носи со сите свои конкуренти зашто нејзините производи се најдобри и најконкурентни.
Реалистите велат дека фаталната грешка на Америка, од понови времиња, е кога администрацијата на Клинтон ја прогласила политиката на соработка (engagement) со Кина во обид да ја трансформира во либерална демократија со која ќе живее во мир. Наместо тоа, фантастичниот екомоско-технолошки раст на Кина создаде конкурентна воена нуклеар сила која сега мора да се балансира преку политиката на ограничување (containment). Префрлајќи ја својата моќ во Азија, пак, предизвика паника кај НАТО сојузниците во Европа кои никако да разберат дека мораат да живеат без „помирителот“ кој ја финансираше нивната безбедност цели 80 години.Според тезата на Пол Кенеди ова што се случува во светската политика денес би можело да се нарече „крај на американската ера“. Но, процесот не мора да биде брз ниту мора да биде неизбежен. Имено, паметна политика ќе довдеде до намалување на трошоците за војна, ќе ги реформира економиите и ќе го сподели товарот со сојузниците. Не мора да се случи ниту она што се нарекува трагедија на големите сили – светска војна. Разумна политика би требало да знае како да ги избегне Сцилите и Харибдите во морето на светската политика.






