Од јули директни летови од Скопје до Алгеро и Палермо во Италија
Во летната сезона од Скопје ќе се лета за Палермо и за Алгеро во Италија. Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, додека охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, „Аустријан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, „Виз ер“ ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.

– Уште две нови авиолинии од Скопскиот аеродром! Убави вести за сите што сакаат да патуваат, како и за сите што сакаат да ја посетат Македонија. Од 15 јули од Скопје ќе може да се лета и до Палермо, а од 18 јули за Алгеро Сардинија во Италија. Со овие две нови авиолинии на Виз Ер се очекува уште повеќе да го зголемат авиосообраќајот на Скопскиот аеродром кој во 2025 година имаше рекордна година со над 3.2 милиони патници и со новите линии станува лидер во регионот, сподели денеска во објава на Фејсбук вицепремиерот и министер за транспорт Алекснадра Николоски.
Од ТАВ Македонија информираат дека „Виз ер“ на линијата од Скопје до Палермо од 15 јули ќе сообраќа три пати неделно, секој понеделник, среда и петок, со достапни цени од 29,99 ера а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе лета два пати неделно, секој вторник и сабота со достапни цени од 39,99 евраЛетовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември.
– Со воведувањето на низа нови линии, гордо ја потврдуваме нашата посветеност на растот и иновациите, отворајќи врати за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до динамичните европски пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме!, вели во пишана изјава Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија наведуваат дека новите рути од Скопје до Палермо и до Алгеро претставуваат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по својата туристичка понуда, културно наследство и економско значење.
– Палермо и Алгеро се места што ја одразуваат душата на Италија. Во Палермо на Сицилија посетителите ги очекува богата историја, импресивни палати, катедрали и живописни пазари, нудејќи незаборавно патување низ културата и вкусовите на Сицилија. Во Алгеро на Сардинија пак, туристите ќе можат да уживаат во мирот на средновековните улици и прекрасните морски пејсажи, се вели во соопштението.
Николоски во објавата за новите летови посочува дека најавено е зголемување на бројот на летови и патници на постојаните линии, како и нов авион на Скопскиот аеродром од најновата класа на Airbus A321 Neo.
– Имајќи предвид дека ова се линии кои ќе оперираат во летната сезона за нив не се предвидени субвенции, што е квалитет плус и показател дека комерцијално се повеќе ќе има интерес за Скопскиот аеродром, потенцира вицепремиерот Николоски.
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првиот месец од годината, заедно опслужија 289.584 патници на 2.009 летови, за 31 процент повеќе патнички сообраќај и 10 проценти повеќе летови споредено со истиот месец од 2025 година.
Со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, три авиокомпании реализираат летови до осум дестинации.






