Во Скопје дневно возат 157 од вкупно 341 автобуси на ЈСП, некои од нив се стари и по 30 години

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека за само десет години, бројот на патници кои го користат јавниот превоз во Скопје е повеќе од преполовен. Од 51,6 милиони патници во автобусите на ЈСП во 2015 година, во 2025 година се превезени само 22 милиони патници, што е речиси 30 милиони патници годишно помалку

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во 2025 година располагало со 341 автобус, од кои дневно биле исправни само 185. Во дневен промет, пак, од нив се пуштале само 157 автобуси на сите градски и приградски линии – објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во најновиот извештај за капацитетите на ЈСП.

Во 2015 година, ЈСП имало 430 автобуси, што е за 89 автобуси повеќе од денес. Најлоша, сепак, како што се наведува во истражувањето на ЦГК, е состојбата со исправните автобуси и оние што дневно се пуштаат во промет.

„Ако во 2015 година дневно имало 316 исправни автобуси, сега има за 40 проценти помалку, односно 185 автобуси. Слична е и состојбата со бројот на автобуси што секој ден се пуштени ‘во работа’, како што ги означува ЈСП во своите извештаи и статистики. Ако во 2015 година дневно имало по 213 автобуси во работа, сега во работа има само по 157 автобуси дневно“,се наведува во извештајот на ЦКГ.

Со намалувањето на бројот на автобусите, нотирана е зголемена нивна старост. Просечната старост на автобусите, според ЦГК, изнесува 13,3 години и е во постојан пораст од 2021 година наваму.

Најстари, по 30 години, се се десетте автобуси од марката Санос, набавени уште во минатиот век, а по 13 години старост веќе имаат и кинеските и украинските автобуси. „Најмлади“ се шесте еколошки автобуси што во ноември 2024 година Делегацијата на Европската Унија во Скопје му ги донира на ЈСП преку проектот „ЕУ за чист воздух“.

Истражувањето на ЦГК покажува дека за само десет години, бројот на патници кои го користат јавниот сообраќаен превоз во Скопје е повеќе од преполовен. Од 51,6 милиони патници во автобусите на ЈСП во 2015 година, во 2025 година се превезени само 22 милиони патници, што е речиси 30 милиони патници годишно помалку.

Најголем пад на бројот на патниците во автобусите на ЈСП се случува од ковид-кризата наваму.

„Иако падот се случувал и пред кризата поради ковид-19, кога само за една година ЈСП загубило речиси 23 милиони патници, сепак поновиот пад на бројот на патници се случува по 2023 година. Во 2024 година бројот на годишно превезени патници е намален за речиси шест милиони, а во 2025 година за дополнителни три милиони. Интересно е што само од кризата со ковид-19 наваму, бројот на патници што годишно се возат во автобусите на ЈСП Скопје е намален за повеќе од 22 милиони патници“,нотира ЦГК во извештајот.

Целото истражување е достапно на следниот линк.

 

Back to top button
Close