СДСМ: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска отвори прашања во врска со назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Република Северна Македонија во Република Србија, со седиште во Панчево.
Кузеска посочи дека пред околу еден месец српското Министерство за надворешни работи соопштило дека му ја предало егзекватурата на Адамовиќ, со што и официјално стапил на функцијата почесен конзул.
„Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, праша Кузеска.
Таа наведе дека на социјалната платформа „Икс“ може да се најдат стари објави на Адамовиќ во кои, како што рече, се користи формулацијата „српска Македонија“ и се тврди дека била окупирана, што според неа претставува скандал.
Кузеска дополнително обвини дека Адамовиќ бил висок функционер на Српската напредна странка, која ја нарече сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, и дека бил близок до српскиот претседател Александар Вучиќ. Според неа, тој бил член на Извршниот одбор на СНС, координатор за Срем и координатор за Јужен Банат.

Портпаролката на СДСМ се повика и на медиумски објави во Србија во кои, како што рече, се споменуваат различни афери поврзани со Адамовиќ, вклучително и наводи за негова поврзаност со трговија со оружје, како и информации за претходни инциденти и апсења.
„Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво минато е избрана за почесен конзул?“, изјави Кузеска.
Таа го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори дали македонските безбедносни служби ја провериле биографијата на Адамовиќ и дали постои каква било негова врска со Владата.






