Хуман и достоинствен чин за поздравување: оддадена почит на двајцата поети – учесници на СВП, кои се удавија 1966 година

Пострашно од смртта е заборавот! Сеќавањето ја победува смртта!
Со овие зборови на директорот на Стручките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, делегација на манифестацијата, положи свежо цвеќе на Спомен плочата, на брегот на Црн Дрим – до Мостот на поезијата, оддавајќи почит во чест на двајцата поети Блажо Шќепановиќ и Лазар Вучковиќ, коишто на 26.08.1966 година, како учесници на струшкиот поетски фестивал, трагично ги загубија своите животи во водите на Охридското Езеро, кај Струга.
Пловниот објект, мало кајче, со кој беа на панорамска прошетка, се преврте, а тие се удавија во длабоките езерски води.
Заедно со нив, беше и поетот Оскар Давичо кој беше спасен.

Писателот Димитрие Дурацоски, кој денеска е член на Управниот Одбор на СВП и беше во делегацијата, заедно со Разме Кумбароски, поранешен долгогодишен секретар на СВП и сегашниот директор Тасевски, во тоа време завршен осмоодделенец, вака се сеќава на настанот:
-Тоа беше последното наше безгрижно лето кога се запишавме во гимназијата во градот. Летото беше наше,заедно со езерото,. Бевме слободни пред обврските кои не чекаа.Тоа беше она лето во кое двајцата млади поети ги завршија своите животи, Лазар на 29 години а Блажо беше триесет и две годишен. Пишуваа поезија, ја читаа својата поезија пред стружани, на бреговите на Дримот и Езерото. Тој ден, 26 август 1966 година ,беше последниот ден во нивниот живот кој заврши во сините езерските води. Бевме мали, многу млади, но отидовме таму, кај камповите на Црвениот крст, кога се рече дека двајца поети се удавиле во езерото. Се сеќаваме дека во чунот со нив бил и Оскар Давичо, славниот поет но тој го преживеа потонувањето. Блажо Шќепановиќ и Лазар Вучковиќ беа најдени на дното на езерото, обвиени во ресите – прегрнати. Не знаеле да пливаат.
Дурацовски, приложи стихови од обајцата:
Блажо Шќепановиќ:
Pale se male vatre strasti
i tijelo se spušta u svoju dubinu,
san se topi.
Zvuk tužno odlazi u svoj beskraj.
Лазар Вучковиќ
Preko svoje senke prelazim na drugu obalu.
Reka postaje čistija dok se umiva,
Jer sunce i ona i u vodi gore.
Веле Митаноски






