Мицкоски: Очекувам Ердоган напролет да дојде во Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека оваа пролет во посета на земјава треба да дојде претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на прашање на пратеникот од Движење на Турците на Македонија за правда и демократија, Сали Мурати, во рамките на денешната седница на која два часа беа посветени на пратенички прашања од опозицијата. Мурати, кој е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, му постави неколку прашања на премиерот, од кои едното се однесуваше на билатералните односи меѓу Македонија и Турција.
Премиерот, одговарајќи на прашањето, кажа дека во моментов не може да каже кога точно ќе се реализира посетата на Ердоган, но убеден е дека таа ќе се случи многу брзо бидејќи, како што рече, Турција има одличен амбасадор во Скопје, со кого Владата има одлична соработка.
„Во разговорите со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, дефиниравме оваа пролет да се одржи прв состанок, на кој тој ќе дојде во Скопје. Претпоставувам таа посета ќе се реализира, во моментот не можам да кажам точно кога и како, но знам дека Турција има исклучително одличен амбасадор во Скопје, дипломат од висок ков, со кого имаме одлична соработка и тој придонесе за уште поблиските односи меѓу двете земји. Убеден сум дека до оваа прва средба ќе дојде многу бргу и ќе ја имаме таа можност, но и чест, претседателот Реџеп Таип Ердоган да го пречекаме во Скопје“рече Мицкоски.






